Германската канцеларка Ангела Меркел е во посета на Москва, каде што се состана со рускиот претседател Владимир Путин.

Главната тема на разговор меѓу канцеларката во заминување и рускиот претседател е ситуацијата во Авганистан, но секако има бројни други теми од големо значење за двете земји, но на кои Русија и Германија имаат различни гледишта.

– И покрај сите разлики меѓу нас, сепак треба да разговараме – рече германската канцеларка на почетокот на средбата.

Меѓутоа, она што привлече најголемо внимание кај медиумите беше ситуацијата кога телефонот на Меркел заѕвони среде говорот на Путин, по што и тој накратко застана и ја коментираше ситуацијата.

Пред почетокот на разговорот со германската канцеларка, Путин изрази уверување дека нејзината посета на Москва не е само за збогум, туку е и значајна од политички аспект.

– Одржуваме постојан контакт по телефон, но има многу прашања за кои треба да се разговара лице в лице. Сигурен сум дека ова нема да биде само ваша проштална посета откако одлучивте да не се кандидирате за нов мандат, туку и посета исполнета со сериозни деловни содржини – рече Путин пред гостинката.