Алжирското обвинителство нареди истрага за смртта на маж кој бил линчуван од толпа откако бил oсомничен за подметнување пожари што го зафатија планинскиот регион на оваа земја.

Во пожарите во Алжир загинаа најмалку 69 луѓе во планинскиот регион населен со Бербери, а убиството се случило во провинцијата Тизи Узу, на околу 150 километри источно од главниот град на Алжир.

Во тој регион имаше најголем број жртви, а убиениот е идентификуван како 38-годишниот Џамел Бен Исмаил, пренесува АП.

Локалниот обвинител по повод овој настан издаде соопштение, кое го пренесе алжирската државна новинска агенција во четвртокот, откако во средата на социјалните мрежи се појави видео, во кое се гледа убиство на лице кое беше линчувано и запалено.

Обвинителот наредил итна истрага за случајот со цел да се идентификуваат напаѓачите и да се изведат пред суд, пренесува „Ројтерс“.

Во соопштението се наведува и дека група луѓе ја нападнале полициската станица каде што била чувана жртвата и успеале да го извлечат, по што го претепале и на крајот го запалиле.

Полициските службеници кои интервенирале за заштита и помош на жртвата биле повредени.

„Амнести Интернешнл“ ги повика алжирските власти веднаш да го истражат ова убиство и со тоа да испратат јасна порака дека ваквото насилство нема да остане неказнето.