Глобалните воени расходи за 2017 година се зголемени до највисоко ниво од Студената војна. Водечки на листата се САД, Кина и Саудиска Арабија. Воените расходи во светот се зголемени за 1,1 отсто во однос на 2016-та и вкупно изнесуваат 1.730 милијарди долари. Расходите за воени потреби се 2,2 отсто од глобалниот БДП или по 330 долари за секој жител на Земјата, се наведува во годишниот извештај на стокхолмскиот институт СИПРИ.

САД се „лидер“ со 610 милијарди долари, без измена во однос на 2016 година. Втора е Кина каде што расходите се 228 милијарди долари, и бележи зголемување за 5,6 отсто во однос на 2016 година. Саудиска Арабија ја „поместила“ Русија на листата и е на третото место со расходи од 69,4 милијарди долари, зголемувајќи ги расходите за 9,2 отсто. По неа, во реонот на Блискиот Исток е Иран (плус девет отсто) и Ирак (плус 22 отсто). Воените расходи на Русија се намалени во 2017 година, првпат во изминатите 19 години за 20 отсто во споредба со 2016 година, на 66,3 милијарди долари. Намалувањето во воениот буџет на Руската Федерација е со 13,9 милијарди долари и е најголемо во светот за лани. Причината за тоа СИПРИ ја гледа во падот на цените на нафтата, наведува ДПА.