Николас Круз

Обвинителството во Флорида објави видео-снимка од признанието на Николас Круз (19), осомничениот за убиство на 17 лица во средното училиште во Паркленд, во кое тинејџерот вели оти гласовите во неговата глава му кажале да „пали, убива и уништува“, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“.

Круз му кажал на детективот со кој разговарал дека почнал да ги слуша гласовите по смртта на неговиот татко, со што ситуацијата се влошила откако и неговата мајка починала, од пневмонија, неколку месеци пред убиствениот напад. Во текот на разговорот, снимен веднаш по нападот во Паркленд изведен на 14 февруари, момчето кажува дека гласовите го советувале и да купи оружје.

Круз побарал од детективот да повика психолог, со цел тој да открие „што не е во ред со него“. На снимката се слуша и како убиецот мрмори оти заслужува да умре, во два наврати кога е сам во просторијата. Тој призна и дека потрошил околу четири илјади долари на оружје и муниција, како и дека бил осамен, односно дека немал пријатели.

Властите го објавија транскриптот од разговорите со Круз, како и видео-снимката од која одредени делови, сепак, остануваат цензурирани. Судот одлучи дека информациите од случајот треба да бидат достапни на јавноста, како и дека Круз ќе остане во притвор без можност да излезе со кауција.

Одбраната прифаќа оти Круз е убиецот, па се насочи кон обидот да го спаси од смртна казна.