Информациите дека израелски ракети погодиле неколку цели во близина на Дамаск во Сирија буквално беа занемени од пеењето и играњето на евровизиското финале во Тел Авив. Како вообичаено, Израел не соопшти јавно дека во саботата ги спровел овие напади, за кои јавноста дозна од Сиријците, коментираат од британскиот весник „Индепендент“.

Во минатото, Израел и даваше до знаење на јавноста дека ќе се бори против изградба на иранска воена инфраструктура во Сирија. Но, сега кога евровизиските гости и изведувачи си заминаа дома, нема што да го одвлекува вниманието од иранското прашање и појавување на можноста за голем оружен конфликт меѓу Техеран, најголемиот непријател на Израел, и нивниот најблизок сојузник Вашингтон.

За Израел, кој во ситуацијава е невообичаено тивок во однос на ескалацијата на настаните, ситуацијата е особено незгодна. И покрај тоа што е една од нациите која најгласно предупредуваше за заканите од Иран, досега практично немаше официјални изјави од израелскиот безбедносен систем, владата или премиерот, уште откога САД го испратија својот носач во Персискиот Залив, и иранските официјални лица задолжени за нуклеарната програма сигнализираа дека ќе ги надминат меѓународно договорените граници за нивните нуклеарни резерви.

Ова е остра промена на реториката на премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој во минатото имаше серија на бомбастични прес-конференции на кои откриваше израелски разузнавачки информации за наклонетоста на Иран кон нуклеарното оружје.

И сите овие елементи, Израел не би сакал никоја од земјите да влезе во војна со Иран, а уште помалку би сакале да бидат видени како виновници за иницирање некој ваков конфликт.

– Може да се каже дека Израел е под најголем ризик од Иран и многуте нивни сојузници, кои ја обиколуваат значително помалата земја од нив и отворено повикуваа за нејзино уништување. На север од нив се милитантската група Хезболах во Либан и иранските сили во Сирија, а јужно се милитантите во Газа кои исто така се поддржани од Иран – анализираат од „Индeпендент“.

Ескалација на конфликтот би значела и закана од сите претходно споменати групи, кои наводно, според израелски разузнавачки информации, имаат ракети со голем дострел кои би загрозиле повеќе градови и цивилни цели во нивната земја.

Засега, според анализите на британскиот медиум, Израел ќе продолжи да молчи и ќе го чека следниот чекор на САД.

Во меѓувреме, и другите светски сили како Русија и Кина молчат, следејќи го развојот на ситуацијата, а НАТО силите повлекоа различни чекори и повикаа на максимална воздржаност во однос на ова прашање.