Шведската тинејџерка и активистка за животна средина, Грета Тунберг, денеска ја отвори конференцијата за климатски промени „Насмевка за иднината“.

За време на петдневниот настан што се одржува во Лозана, Швајцарија, 450 активисти од 37 европски земји ќе земат учество во дискусиите поврзани со климатските промени, кулминирајќи со штрајкот „Петоци за иднината“ – познат и како „штрајк на училиште за климата“.

Тунберг (16) го започна движењето на училишни штрајкови, кое ќе ја прослави својата прва годишнина овој месец, во знак на протест против обврските на шведската влада за борба со климатските промени, за кои Тунберг смета дека се недоволни. Оттогаш, такви штрајкови се одржани на шест континенти.

На денешната дискусија, таа истакна дека и во последната година глобалните емисии на штетни гасови не се намалени и додаде дека треба да се направи многу повеќе во тој поглед.

Тунберг, исто така, истакна и дека ќе се фокусира на тоа да ја подигне свеста на луѓето за тоа што се случува, „затоа што верувам дека кога луѓето целосно ќе ја сфатат ситуацијата во која се наоѓаме, ќе почнат да дејствуваат“.

На средината на август, таа треба да отплови преку Атлантикот на бродот „Малиција 2“ во деветмесечна посета на САД и Јужна Америка, каде што ќе присуствува на Самитот на Обединетите нации (ОН) за климатски активности во Њујорк во септември и настанот „ЦОП25“ во Сантијаго, Чиле, во декември.

Тунберг рече дека самитот на ОН е многу важен, бидејќи претставува одлична можност за светските лидери да покажат дека „не послушале нас и научните докази“.