Жителите во дел од подрачјата изложени на најголем ризик од ураганот Флоренс, кој стигна до источниот брег на САД, одбија да ги послушаат предупредувањата и препораките за итна евакуација во кои се вели дека „моќната бура е опасна по живот“, пишува британски „Индепендент“.

– Би можел да грешам. Ако е така, се надевам дека Бог ќе не заштити – вели Денис Парнел од Хемпстед во Северна Каролина. 

Парнел, кој е консултант за безбедност, планира да ја помине бурата заедно со неговата сопруга, порачувајќи дека е подготвен за последиците од ураганот, дури и по цена на живот. „Ако грешам, ќе се видиме на другата страна“ додава Парнел.

Пензионираниот камионџија Роберт Колман, кој живее во Сурф сити, ќе остане во неговиот дом, за да ги чува својот посед и своите кучиња.

– Имам шест кучиња, а на многу места не примаат животни. Се за што работев е тука. Ако заминам, можеби нема да го имам тоа веќе – категоричен е Колман.

Во пресрет на ураганот беше наредена итна евакуација на 1,7 милиони луѓе од сојузните држави Северна и Јужна Каролина и од Вирџинија. Повеќемина жители на загрозените подрачја, сепак, одлучија да ги забарикадираат домовите и да останат во нив и во текот на невремето.