Двајца службеници од Рајнска област-Пфалц се под истрага за убиство од небрежност поради бавната евакуација за време на поплавата во која загинаа 141 лице во оваа германска сојузна покраина, соопштија властите.

Западната покраина најмногу настрада во најсмртоносните поплави во Германија, кои однесоа 170 животи. Стотици илјади домаќинства останаа без електрична енергија, а штетата се проценува на повеќе од шест милијарди евра.

Канцеларијата за криминалистичка истрага соопшти дека првите анализи направени од државното обвинителство во Кобленц покажуваат дека евакуацијата задоцнила, а двајца службеници во западниот округ Арвејлер се под истрага.

Нивните имиња не се објавени, но тие се осомничени за убиство и телесни повреди од небрежност, се вели во соопштението.

Две третини од Германците веруваат дека сојузната и покраинските власти требало да направат повеќе за да ги заштитат општините, покажа анкета на германскиот весник „Билд“ објавена во јули.