Компаниите погодени со новата делумна блокада во Германија треба да се пријават за финансиска помош и може да очекуваат дека бргу ќе добијат средства, изјави денеска германскиот министер за финансии, Олаф Шолц.

Поради големиот пораст на бројот на заразени од коронавирус, Германија од денеска воведе драстични мерки со кои владата сака да го сузбие ширењето на епидемијата, а кои се однесуваат на работата на рестораните, театрите, кината и салите за вежбање, пренесе „Ројтерс“.

Канцеларката Ангела Меркел изјави дека Германија морала да реагира воведувајќи нови ограничувања во врска со јавниот живот со цел да се заштити здравствениот систем.

Таа посочи дека бројот на пациенти со коронавирус во единиците за интензивна нега е двојно зголемен во изминатите десет дена.