Бундестагот со големо мнозинство го отфрли барањето на Партијата на зелените да се прифатат 5.000 бегалци од ранливите групи од грчките острови, јавија денеска германските медиуми.

За барањето на зелените да бидат пренесени 5.000 бегалци од грчките острови во Германија, и тоа пред сè малолетни лица, бремени жени или жени кои патуваат сами, гласале 117 пратеници, а 495 биле против.

Претставниците на владејачката Демократско-социјална коалиција соопштија дека идејата на зелените не е лоша, но се спротивставија на изолираната акција на Германија без консултација со партнерите во Европската Унија.

– Барањето на Зелената партија содржи многу работи што се исправни, но тоа не ни помага во сегашната ситуација. Потребно е едно решение на ниво на ЕУ – рече претседателката на претставничкиот клуб на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) Ева Хогл.