Германскиот претседател, Франк Валтер Штајнмаер денеска на комеморацијата во Полска побара прошка за полските жртви на германската тиранија во Втората светска војна.

-Се поклонувам пред жртвите на нападот во Вилун, се поклонувам пред полските жртви на германската тиранија и барам прошка, рече Штајнмаер на комеморацијата во Вилун по повод 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна.

„Длабоко сме благодарни за раката што ја пружи Полска во знак на опростување“, рече германскиот претседател, пренесе „АП“.

Штајнмаер и неговиот полски колега, Анджеј Дуда ја отворија денешната комеморација рано утрово во 4.40 часот, кога пред 80 години паднале првите нацистички бомби и ги убиле првите цивили.

По минута молк, Дуда му заблагодари на Штајнмаер за неговото присуство.

На главниот настан во Варшава ќе присуствува германската канцеларка, Ангела Меркел, потпретседателот на САД, Мајк Пенс и многу други, наведе агенцијата.