Германските токсиколози утврдија дека рускиот опозициски политичар, Алексеј Навални, е отруен со отровот „новичок“, соопшти германската Влада.

– На иницијатива на болницата „Шарите“, беа спроведени токсиколошки анализи на примероци земени од Алексеј Навални. На тој начин несомнено е утврдено присуство на отровниот хемиски нервен агенс од групата „новичок“ – изјави портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт.

Во оваа група отрови спаѓа и отровот со кој во 2018 година во Англија беше отруен поранешниот руски шпион Сергеј Скрипаљ.

Зајберт истакнал дека германската канцеларка Ангела Меркел денеска одржала состанок со министрите и дека се усогласени чекори по добивањето на новите податоци.

Навални, кому му се слоши на лет од Сибир до Москва на 20 август откако испил чај на аеродромот, се наоѓа на лекување во берлинската клиника „Шарите“.

Неговите советници веруваат дека тој намерно е отруен, но руските власти наведуваат дека нема докази за тоа.

Русија претходно побара од Германија да ѝ ги даде сите детали од медицинските тестови извршени на Навални.