Германија најави дека ќе формира нова агенција која ќе ја истражува кибер безбедноста со цел да се надмине зависноста од дигитални технологии од САД, од Кина и од други држави.

Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер изјави дека на Германија и се потребни нови начини за да стане „главен играч“ на полето на кибер безбедноста.

– Нашата заедничка цел е Германија да ја преземе главната улога во кибер безбедноста на меѓународно ниво. Мора да прифатиме дека заостануваме, а кога некој заостанува мора да прифати целосно нови пристапи, посочи Зехофер на заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Урсула фон дер Лејен.

Новата агенција е заеднички проект на Министерството за внатрешни работи и за одбрана на Германија.