Германија ја призна одговорноста за геноцидот извршен во Намибија за време на колонијалното владеење и вети дека ќе плати повеќе од милијарда евра поддршка за националните проекти во таа земја.

Германските колонизатори убија десетици илјади припадници на автохтоните племиња Хереро и Нама во масакрите во периодот 1904-1908 година.

Првиот геноцид на 20 век, како што историчарите го нарекуваат ова злосторство, сериозно ги нарушуваше односите меѓу Намибија и Германија со години.

Иако Берлин веќе призна дека германските колонијални власти се одговорни за злосторствата, Германија одби да плати директен надомест.

– Овие настани сега, од денешна перспектива, ќе ги наречеме со нивното вистинско име: геноцид. Во име на германската историска и морална одговорност ќе побараме прошка за злосторствата од Намибија и потомците на жртвите. Во намера да се признае огромното страдање нанесено на жртвите, Германија ќе ги поддржи реконструкцијата и развојот на Намибија преку финансиска програма од 1,1 милијарда евра – рече германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.

Според извори запознаени со преговарачкиот процес, тој износ ќе се плаќа во текот на 30 години, а првенствено мора да биде наменет за потомците на народите Хереро и Нама.