Загрижувачки податоци на повеќе економски истражувања, публикувани неодамна, предупредуваат дека економијата во ЕУ во услови на енергетска криза се движи по тенката линија над бездната. Експертите забележуваат дека на повидок е сериозна инфлација, иако за тоа никој не сака да зборува. Како најочигледен пример тие ја посочуваат Германија, каде што државата бележи раст на инфлацијата од околу 5,5 отсто, што е највисока бројка во последниве неколку децении

На повидок е сериозна инфлација во Европа, аналитичарите молчат?!

Европските земји периодов се соочуваат со инфлација чии размери досега не биле видени во изминативе неколку децении. Како основни причини за ваквиот раст на инфлацијата се наведуваат наглиот раст на цените во услови на брзо економско закрепнување, по најакутната фаза на пандемијата на ковид-19, проблемите со нормално функционирање на глобалните синџири на снабдување и скокот на цените на бензинот. Токму поради овие случувања, медиумите информираат дека цените на потребите за живот вртоглаво растат во еврозоната.

Министрите за економија во ЕУ доцна го вклучија алармот

Според „Евроњуз“, состојбата со инфлацијата во ЕУ во моментов е највоочлива во Германија, каде што државата, која е „економскиот мотор“ на Унијата, според повеќе економски анализи на оваа тема, бележи раст на инфлација од околу 5,5 отсто, што е најголем во последните 30 години за државата.
Рекордниот скок на цените на електричната енергија и на бензинот во Германија се одразува во краен исход врз потрошувачите, информира на оваа тема германски „Дојче веле“.
– Службениците на ЕУ летово ваквиот развој на цените, кој ја турка нагоре и стапката на инфлација, го квалификуваа како привремен феномен, кој може да се издржи. Меѓутоа сега, кога цените на гасот и со нив поврзаните цени на струјата се чувствуваат во паричниците на потрошувачите и касите на компаниите, многу министри за економија го вклучија алармот во ЕУ – наведува медиумот.
Според „Дојче веле“, особено зголемување на цените во септември имало кај енергијата, која е за цели 17,6 отсто поскапа отколку во септември 2020 година.
Цените на индустриските добра пораснале за 2,1 отсто, а животните намирници чинеле 2 отсто повеќе отколку пред една година, додека услугите, пак, бележат зголемување од 1,7 отсто во земјата.

Влијае ли и психолошкиот страв на инфлацијата?

Стравот на фирмите и потрошувачите од висока инфлација би можел и натаму да влијае врз зголемување на инфлацијата, се оценува во нова студија на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ). Институтот неодамна соопшти дека класичните поттикнувачи на инфлацијата, како притисокот за плати, потрошувачката и производствените трошоци во моментов се главно умерени и дејствуваат само привремено.
– Меѓутоа, ризик произлегува од очекувањата во врска со инфлацијата, кои би можеле да ја поттикнат спиралата плати-цени – оценува ДИВ.
Производствените трошоци, кои важат за вовед во општото зголемување на цени, само во текот на изминатите два месеца биле повисоки за 14,2 отсто во споредба со претходната година истото време. Такво зголемување последен пат е забележано за време на првата нафтена криза, во октомври 1974 година.
Во меѓувреме, слична е состојбата со инфлациската спирала и во другите земји низ Европа, како Холандија, Шпанија…
Според најновиот извештај на „Халифакс“ за индексот на цените на куќите, во Британија е постигнато рекордно ниво, бидејќи просечниот имот за првпат надмина 270.000 фунти. Извештајот исто така покажа дека кога станува збор за цените на куќите, годишната инфлација пораснала од 7,4 на 8,1 отсто, а Велс, Северна Ирска и Шкотска продолжуваат да го надминуваат просекот.
– Она што во моментов ја зголемува инфлацијата во Европа се пред сѐ привремени ефекти, кои меѓутоа, за жал, доаѓаат сите истовремено – вели економистката Керстин Бернот.
Таа објаснува дека проблемите со доставувањето, кои во моментов значително ги зголемуваат трошоците на производството, би требало да ги снема во 2022 година и нагласува дека во исто време тогаш ќе се очекува и стабилизирање на инфлацијата на Стариот Континент.

Монетарен стимул за држење на поскапувањата под контрола

Паралелно со ова, „ЕУ обсервер“ се обидува да внесе малку оптимизам. Пишувајќи на истава тема, медиумот објаснува дека колку и да се негативни економските показатели годинава, некои од економските експерти се оптимисти дека Унијата за релативно брз временски период ќе успее да ја совлада економската криза.
Во таа насока, магазинот посочува дека на повеќе земји од Унијата во периодот што следува им е потребен дополнителен монетарен стимул, со кој ќе се отворат економиите, а во исто време ќе се држи под контрола инфлацијата.