Германските власти тврдат дека со новата стратегија ќе се заштитат домашните компании, особено оние во чувствителните индустриски сектори, од нивно преземање од странски фирми, како што се гигантите од САД и од Кина. Експертите, пак, предупредуваат дека со планот се заговараат протекционизам и државен интервенционизам, спротивни на идејата за слободна трговија

Германија најави контроверзен план за заштита на домашната индустрија, и покрај тоа што остро се коси со антимонополските правила на Европската Унија. Со планот, меѓу другото, е предвидена државна финансиска помош и делумна национализација на домашните фирми, за да се спречи нивно преземање од странски компании, како што се гигантите од САД и од Кина. Критичарите и економските експерти предупредуваат дека со планот, кој го обелодени германскиот министер за економија Питер Алтмајер, се заговараат протекционизам и државен интервенционизам, спротивни на идејата за слободна трговија.

Германскиот министер за економија, Алтмајер, порача дека цел на планот, познат како „Национална индустриска стратегија 2030“, била поголема конкурентност на германските и на европските компании, во однос на американските и кинеските фирми.

– Нови национални и европски шампиони треба да се формираат за да се натпреваруваат со Кина и со САД. „Национална индустриска стратегија 2030“ е неопходна бидејќи германските компании се под засилен притисок од иновациските фирми што добиваат владина поддршка во САД и во Кина – порача Алтмајер, кој е член на конзервативната ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, која, пак, е голем противник на државниот интервенционизам.

Тој ги отфрли критиките дека со стратегијата се заговараат протекционизам и големо државно мешање.

– Државата може само да ја потресе или да ја поттикне економијата. Инвестициите мора да потекнуваат од приватната економија. Во свет на брз технолошки развој, кој ги контролира овие технологии има шанса да биде на чело на групата, додека оние, пак, што ќе ги преспијат овие промени, ќе станат продолжена работилница на другите – додаде Алтмајер.

Според него, доколку постоеше ваквата стратегија во 2016 година, можеби и немаше да се случи кинеското преземање на германскиот производител на роботи „Кука“.
– Европските и германските закони за конкурентност треба повторно да се разгледаат, и ако е потребно да се изменат, за да може германските и европските компании да продолжат рамноправно меѓународно да се натпреваруваат – истакна Алтмајер.

Со стратегијата, како што наведуваат германските медиуми, се бара државата да ги поддржи иновациите и да помогне во носење на клучните технологии во Германија и во Европа. Покрај тоа, потребна е измена на законите за конкуренција, за да се олесни спојувањето на компаниите во специфични ситуации, кога поголема компанија би можела подобро да се натпреварува на глобално ниво. Потоа, во исклучителни ситуации на државата мора да ѝ се дозволи делумна национализација на овие бизниси, за да се избегне преземање од странски инвеститор. Предвидено е и формирање на инвестициски фонд за поддршка на овие делумни национализации, кој ќе има ограничено времетраење.

Германската и француската влада го делат ставот дека ЕУ треба да ги модификува нејзините антимонополски закони за да се овозможи формирање на европски гиганти во важни сектори, како што се технологијата и инфраструктурата, и кои ќе може да се натпреваруваат со мултинационалните корпорации, особено со оние од Кина и од САД. Сепак, како што оценува американски „Стратфор“, Париз и Берлин не се сами во однос на ова прашање. Во декември 2018 година, група од 19 членки на ЕУ објави заеднички документ, со кој се бараат нови мерки за и понатаму да се обезбеди глобална конкурентност за компаниите од Унијата.

Исто така, Франција и Германија ветија дека во наредните недели ќе ја претстават заедничката иницијатива за измена на правилата за конкуренција на ЕУ, но таквите измени најверојатно ќе мора да ги почекаат изборите за Европскиот парламент во мај.

По изборите, владите на земјите-членки во ноември ќе избираат нови членови на Европската комисија. Овие промени во составот на институциите на ЕУ значат дека евентуалните големи политички одлуки ќе бидат одложени најмалку до последното тримесечје на 2019 година. Но и тоа може да биде рано, бидејќи за сложени прашања како што се антимонополските закони, можеби ќе бидат потребни повеќе месеци, па дури и години, за да се изменат.

Покрај тоа, според „Стратфор“, сите членки на ЕУ не се согласуваат дека антимонополските закони треба да се менуваат за да се овозможи спојување на големи корпорации. Земјите што силно заговараат пазарни економии, како Шведска и Данска, во декември не ја поддржаа декларацијата, со која се бара измена на правилата. Тие стравуваат дека со излегувањето на Британија, ЕУ ќе остане без традиционалниот голем противник на државната интервенција во економијата, отворајќи ги вратите за политиките што може да создадат неефикасни монополи во Европа. Дел и од германските економисти предупредуваат дека централното планирање за европската економија може да ја направи Унијата помалку конкурентна.

Традиционално, Франција, а не Германија, е земјата-членка на ЕУ што најмногу притискаше за поголема државна интервенција во економијата. Но политичарите во Берлин станаа сѐ позагрижени за тоа дека странски сили, претежно Кина, добиваат пристап до стратегиските сектори на германскиот пазар. Кинеското преземање на „Кука“ во 2017 година предизвика национална дебата за странскиот пристап до вредните германски високи технологии.


ЕУ го блокира спојувањето помеѓу „Сименс“ и „Алстом“

Европската комисија го блокира спојувањето помеѓу компаниите „Сименс мобилити“ и „Алстом“, кои произведуваат супербрзи возови. Комисијата соопшти дека преземањето, кое ќе ги споеше францускиот и германскиот ривал во нова компанија, ги прекршува антимонополските правила на ЕУ, бидејќи сериозно ја намалува конкуренцијата.
– Ова спојување ќе резултираше со повисоки цени за системите за сигнализирање, кои ги чуваат патниците безбедни, како и за идните генерации на супербрзи возови – порача еврокомесарката за конкуренција Маргарет Вестагер.
Таа упати отворени критики до двете компании.
– Комисијата го забрани спојувањето бидејќи компаниите не сакаа да одговорат на нашите сериозни грижи за конкуренцијата – додаде Вестагер.