Германија нема да го санкционира Израел поради планираната анексија на делови од Западниот Брег, изјави дипломатски претставник во Ерусалим, но додаде дека овој потег ќе предизвика затегнување на односите, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Берлин нема да воведе санкции против Ерусалим или да преземе чекори за признавање на палестинската држава, вели официјалниот претставник, и покрај цврстото спротивставување на Германија за анексија.

– Германија нема да оди во крајност. Германците не се за санкции и нема да ја признаат палестинската држава. Тие се прагматични. Нивната главна цел е да се гарантира регионалната стабилност. Тие не сакаат да предизвикаат голема вознемиреност. Наместо тоа, ќе бараат начини да нè охрабрат нас и Палестинците да се вратиме на разговорите. Но, ги познавам Германците – нивниот одговор, најверојатно, ќе биде повеќе во областа на атмосферата. Ќе станат помалку отворени за нас и нашите грижи и можеби ќе биде потешко да ги натераме да ни помогнат во разни арени – рече тој. 
Неговите забелешки доаѓаат пред планираната посета на германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, за средба со неговиот израелски колега Габи Ашкенази. Според официјалниот претставник, кој побара да остане анонимен, Германија веројатно ќе ги процени реакциите на соседите на Израел пред да заземе став.

Јордан се закани дека ќе го откаже својот мировен договор со Израел ако тој продолжи со анексијата. Според израелските медиуми, Мас планира да го предупреди премиерот Бенјамин Нетанјаху против овој потег оти тоа ќе им наштети на врските на Израел со ЕУ, како и со Германија.

Мировниот предлог на администрацијата на Трамп предвидува Израел да анектира 30 отсто од Западниот Брег и долината на Јордан. Според коалицискиот договор меѓу премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана, Бени Ганц, анексијата би можела да се изгласа во Кнесетот уште на 1 јули.
САД, пак, јасно ставија до знаење дека не треба да се преземаат еднострани чекори кон анексија пред да се заврши мапирањето од страна на Комитетот за мапирање на територијата, што може да трае со недели или дури месеци.

Со планот на Трамп се предвидува и демилитаризирана палестинска држава на поголемиот дел од Западниот Брег со делови од источен Ерусалим, кои се наоѓаат надвор од израелската безбедносна ограда, како нејзин главен град.

Палестинците исто така ќе добијат економски пакет во висина од 50 милијарди американски долари ако се согласат со условите на договорот, кои вклучуваат да запре поттикнувањето терор и ставање крај на нивната т.н. шема плати за убивање, со која се плаќаат финансиски стипендии за осудени терористи и нивните семејства.