Германските фабрички нарачки во декември се намалија за 1,6 отсто поради слабата побарувачка од странство, покажуваат најновите податоци.

Тоа е многу полошо отколку растот од 0,3 проценти, кој го очекуваа економистите и падот од 0,2 отсто во ноември минатата година.

На годишно ниво, нарачките беа за седум проценти пониски отколку во декември 2017 година, што претставува најголем пад од 2012 година.

Таквиот лош резултат покажува дека германската индустриска база се соочува со проблеми имајќи ги предвид трговските тензии, забавување на глобалниот раст и вознемиреност околу Брегзит.

Германската автомобилска индустрија, исто така, имаше неколку лоши месеци, по воведувањето на нови, построги правила за загадувањето.

Бруто домашниот производ на Германија се намали за 0,2 отсто во период од јули до септември, а некои економисти стравуваат дека нејзината економија ќе продолжи да тоне, што ќе ја доведе земјата во рецесија.