Двајца поранешни припадници на тајната полиција на Сирија беа изведени пред суд во Германија обвинет за злосторства против човештвото, за нивната улога во центарот за притвор управуван од владата, каде што наводно биле малтретирани голем број опозициски демонстранти, пренесуваат светските медиуми.

Судскиот процес против Анвар Р. и Ејад А., чии презимиња не беа објавени поради германските правила за приватност, е прв случај во кој претставници на сириската влада се соочуваат со судење во странство за воени злосторства наводно извршени за време на повеќегодишната граѓанска војна.

Обвинетите, кои беа уапсени во Германија на почетокот од минатата година, ќе се соочат со сведоштвата од неколку сириски бегалци, кои тврдат дека биле малтретирани во притворскиот центарот „Ал Катиб“, или „Огранок 251“, во близина на Дамаск.

Федералните обвинители тврдат дека 57-годишниот Анвар Р. бил задолжен за центарот и со тоа е одговорен за злосторства против човештвото, силување и за убиство на најмалку 58 лица. Обвинет е и за соучесништво во повеќе од 4.000 случаи на тортура.

Ејад А. (43) е обвинет дека бил дел од полицискиот одред што ги приведувал демонстрантите и ги носел во „Огранок 251“, каде што потоа биле малтретирани.

Најмалку девет жртви на тортура се котужители во случајот, што е дозволено според германскиот закон, додека уште неколку се очекува да бидат повикани како сведоци. Тие се поддржани од Европскиот центар за уставни и човекови права.

Ако биде осуден, Анвар Р. може да се соочи со доживотен затвор. Ејад А. може да биде осуден на затворска казна до 15 години ако биде осуден за соучесништво во злосторства против човештвото.

Адвокатите на обвинетите одбија да коментираат пред судењето, кое треба да трае неколку месеци. Мажите, кои сами ја напуштиле Сирија и заминале за Германија пред нивното апсење во февруари 2019 година, остануваат во затвор.

Судскиот процес е опишан како клучен момент во обидот да се изведат пред лицето на правдата сириските власти обвинети за злосторства.

– Бидејќи другите начини за издејствување правда се блокирани, кривичните гонења во Европа нудат надеж за жртвите на злосторства во Сирија, кои нема каде да се обратат – вели Балкес Јарах, меѓународен директор за правда во „Хјуман рајтс воч“.

„Судскиот процес во Кобленц покажува дека судовите, илјадници километри од местото каде се случиле злосторствата, можат да играат клучна улога во борбата против неказнивоста“.

Регионалниот суд во Кобленц, каде што се одржува судењето, го намали бројот на местата достапни за новинарите и за пошироката јавност за една третина поради правилата за социјално дистанцирање во борбата против пандемијата на ковид-19.