Високорадиоактивен отпад ќе се складира во германските нуклеарни централи најмалку уште 50 години поради недоволниот број капацитети за трајно складирање, соопшти шефот на комисијата за отстранување нуклеарен отпад.

Постапката за складирање отпад во конечен склад ќе биде завршена околу 2080 година, а работниот век на привремените складишта истекува многу порано, предупреди Мајкл Сајлер во интервју за новинската агенција ДПА.

„Во Германија имаме 16 капацитети за привремено складирање високорадиоактивен отпад, а на повеќето од нив работната дозвола им истекува меѓу 2045 и 2046 година“, забележува Сајлер.

По откажувањето на планот за складирање на отпадот во купола во рудник во Горлебен, Долна Саксонија, германскиот парламент ја определи 2031 година како краен рок за наоѓање нова локација.

„Потоа следуваат процедури за издавање дозволи и градба, кои ќе траат дваесетина години, односно до средината на векот“, објаснува германскиот експерт.

Дури тогаш ќе почнат испитувања, додава тој.

Според процените, преносот на отпадот од привремено до конечно место за складирање може да трае и 30-ина години, забележува тој.

„Ова значи дека постапката за конечно складирање би траела од 2050 до 2080 година“, истакнува германскиот експерт.

Последната германска нуклеарна централа треба да биде затворена до крајот на следната година.