Германското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека веќе подготвува нацрт договори со други членки на Европската унија за враќање на мигранти кои побарале азил во Германија, а претходно побарале азил во некоја друга земја.

Портпарол на Министерството најави дека министерот Хорст Зехофер денеска ќе ја посети Австрија, каде со канцеларот Себастијан Курц ќе разговара за новиот германски план за справување со мигрантите. Планот постигнат меѓу Зехофер и канцеларката Меркел предвидува отворање на кампови во германската сојузна држава Баварија, која е политичка база на Зехофер, и проверка на сите нови барања за азил во овие кампови, при што мигрантите кои веќе побарале азил во друга членка на ЕУ би требало да бидат вратени таму.

Меркел пак треба да се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој беше предводник на повиците за затворање на границите на Европската унија за неконтролираниот влез на мигранти, и кој е политички сојузник на Курц и Зехофер.