Автор: Ишан Тарор

Вашингтон пост

Како започнува една студена војна? Во Вашингтон расте чувството на непријателство кон Пекинг. Пред пандемијата, сите експерти предупредуваа за драстично нарушените односи меѓу САД и Кина. Таквото чувство на можен близок судир меѓу велесилите од 21-от век дополнително се влоши откако новиот коронавирус го парализираше светот.

Во интервју што беше објавено вчера на десничарската мрежа „Фокс бизнис“, претседателот Трамп даде идеа дека САД „би можеле целосно да ги прекинат односите“ со Кина по крајот на пандемијата, во однос на дискусиите за тековните трговски разлики меѓу двете земји. Тој исто така тврдеше дека економската штета од пандемијата дава дополнителен доказ дека САД мораат да бидат понезависни од светските синџири на испорака кои минуваат низ Кина.

Сепак ваквиот став не го има само Трамп, а дел од неговите соработници и советници се уште построги. Републиканските сенатори се залагаат за санкции и нови закони со цел да ја казнат Кина за нејзината наводна улога во прикривањето на првите фази од епидемијата. Стејт департментот им ги укина визите на кинеските новинари кои работат во САД како дел од постојаното враќање „мило за драго“ со Пекинг, кој ги користи работните дозволи на странските дописници за дипломатско пазарење.

Анонимни претставници на Белата куќа отидоа дотаму што со медиумите споделија закани со цел да се избегне американскиот долг кон Кина, потег за кој експертите сметаат дека силно ќе го наруши американскиот кредибилитет на светската сцена. Според анкета од истражувачкиот центар „Пју“ спроведена минатиот месец, Американците досега имаат најнегативен став за Кина откако организацијата почна да го мери на овој начин антикинеското чувство во 2005 година. Дел од гневот во Вашингтон го одразува мислењето во изборната година, со тоа што Трамп и Републиканците разбирливо сакаат да го одвратат вниманието од лошото владино менаџирање со кризата од коронавирусот.

Но многумина демократи, меѓу кои претседателскиот кандидат и поранешен потпретседател Џо Бајден, исто така сакаат да заземат поостар став кон Кина. Други земји во светот, како регионалните сили во Азија, исто така почнуваат да усвојуваат пристап за директно ограничување на Кина, што дополнително го подгрева кинескиот национализам вкоренет во долгата историја на надворешно опколување и малтретирање.

Претставници од Вашингтон и Пекинг повремено инсистираат дека не сакаат нова Студена војна, но геополитичките ветришта дуваат токму во таа насока.

– Кога претставници на кинеската влада го критикуваат она што отворено го нарекуваат „менталитет на студена војна“ во САД, тие не бараат да се стави крај на идеолошкиот натпревар или ривалството меѓу големите сили, туку мислат на американските обиди за осуетување на плановите на Пекинг – наведе Бетани Ален-Ебрахимијан од „Аксиос“.

Според „Ројтерс“, внатрешен извештај претставен од кинеското министерство за државна безбедност пред највисоките државни лидери предупреди дека зголемената светска нетрпеливост кон Пекинг, делумно поради американската реторика, е на најлошо ниво досега од немилите настани на плоштадот „Тијананмен“ во 1989 година. Извештајот наводно донел заклучок дека САД сакаат да ја поткопаат владејачката Комунистичка партија на Кина и да ја претстават земјата како економска и безбедносна закана.

„Ројтерс“ пренесе дека еден од запознаените со извештајот порача оти дел од кинеската разузнавачка заедница го гледала како кинеска верзија на „телеграмата на Новиков“, односно телеграмата од 1946 година на советскиот амбасадор Николај Новиков во Вашингтон, кој ја нагласил опасноста од американската економска и воена амбиција во периодот по Втората светска војна. Тој документ заедно со сличната „долга телеграма“ на американскиот дипломат Џорџ Кенан во Москва се причината поради која ривалството меѓу Советскиот Сојуз и САД доминираше во остатокот од 20-тиот век. Нешто слично, ако не и исто, се чини дека случува денес, според експертите.

– Знам дека на луѓето им е непријатно од ваквата терминологија, но сметам дека мора да бидеме искрени и да признаеме дека ова е почеток на нова Студена војна. Ако не внимаваме, нештата можат драстично да се влошат – порача Клит Вилемс, поранешен претставник за трговија на Белата куќа за „Си-ен-би-си“.

– Ние практично сме на почетокот од една Студена војна. Ние се движиме по надолна линија на нешто што го поттикнува непријателството со Кина – изјави за „Бизнис инсајдер“ Орвил Шел, директорот на Центарот за американско-кинески односи на невладината организација „Азиско општество“.

Во Вашингтон, група на политичари се загрижени за намалениот (или непостоечкиот) воен примат во однос на Кина. Во Пекинг, пензионираните генерали и други органи од огромната војска отворено размислуваа за шансите и ризиците од спроведување на воена инвазија за да го вратат Тајван под своја контрола.

Таков конфликт не е на повидок, барем не засега. Но општо е познато дека двете држави и нивните испреплетени економии имаат мали шанси да ги закопаат секирите на крајот.

Превод: Билјана Здравковска