Земјотрес со јачина од 5,2 степени го погоди денеска крајбрежјето на Гватемала, еден ден по силната вулканска ерупција.

Епицентарот бил во Пацификот, на длабочина од 10 километри, објави Американскиот геолошки центар.

Засега нема податоци за можни жртви или штети.

Земјотресот се случува по неделната ерупција на вулканот Фуего, при што според најновите информации, најмалку 62 лица загинаа, а повредени се 300 луѓе.

Втората ерупција денеска исфрли дополнителни количества кал, пепел и гасови.

Новата експлозија ја отежна и работата на спасувачките екипи, кои ги извлекуваат телата на настраданите мештани на селото Ел Родеао.

Се стравува дека бројот на жртвите би можел да биде и поголем, бидејќи има населени места со кои не е воспоставен контакт.

Ерупцијата на 3.763 метри високиот Фуего беше најсилна во последните неколку години, објави Националниот институт за сеизмологија.

Војската објави дека евакуирала 3.100 луѓе во радиус од 10 километри околу вулканот, 70 километри југозападно од Гватемала Сити.

Пепелта покри четири административни регии во земјата, загрозувајќи 1,7 милиони жители и затворајќи го аеродромот Ла Аурора, во главниот град.