ЕУ е на пат да се судри со САД поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се повлече од нуклеарниот договор со Иран, пишува британскиот весник „Гардијан“.

Големи европски компании почнаа да се повлекуваат од Иран за да не им бидат воведени санкции од страна на Вашингтон. Во обид да ги заштити бизнис интересите во Иран на компаниите од ЕУ, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер изјави дека ќе спроведе план кој последен пат е употребен за заштита на европските компании кои работеле во Куба пред укинувањето на трговското ембарго на САД. – Неговата цел е да го неутрализира екстратериторијалниот ефект на американските санкции – истакна Јункер на Самитот во Софија додавајќи дека се очекува процесот да почне денеска.

ЕУ се обидува да го спаси нуклеарниот договор со Техеран и да ги зачува економските придобивки кои Иран ги добива во замена на откажувањето од својата нуклеарна програма, потсетува „Гардијан“.

Со документ од 1996 година им се забранува на европските компании и судови да спроведуваат странски закони за санкции кои го анулираат дејството на законите на Европската унија.

– Ефектот на санкциите на САД ќе биде силно почувствуван. Последователно ЕУ е должна да го заштити европскиот бизнис, особено малите и средни претпријатија – истакна Јункер.

И покрај силните зборови, шансите договорот со Иран да преживее во услови на американски санкции се многу намалени откако и данскиот транспортен концерн А.П. Мјулер.

– Мерск ја запре својата работа во Иран – истакнува „Гардијан“.

Брзината со која фирмите се повлекуваат се заканува да ги спречи плановите на европските лидери да достават правни и финансиски гаранции на европските компании кои продолжуваат да тргуваат со Иран.