Фото: Твитер/Викиликс

Основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж би можел да биде екстрадиран во САД, одлучи Високиот суд во Лондон, поништувајќи ја претходната пресуда. Денешната одлука претставува силен удар за напорите на австралискиот новинар за спречување на екстрадицијата во Америка, каде што би се соочил со обвиненија за шпионажа, иако неговиот правен тим има можност да поднесе жалба.

САД претходно дадоа низа гаранции со цел да ја поништат претходната судска одлука донесена во јануари, која ја спречува екстрадицијата на Асанж поради загриженост за неговото психичко здравје и ризикот од самоубиство во американскиот затвор.

– Како може ова да биде фер, како може да биде исправно, како е можно, да го екстрадирате Џулијан токму во државата која заговараше тој да биде убиен – порача свршеницата на Асанж, Стела Морис, во реакцијата на пресудата што беше објавена на твитер-профилот на „Викиликс“.

Бројни истакнати личности јасно се спротивставија на екстрадицијата, застанувајќи во одбрана на Асанж. Даниел Елсберг кој во 1971 година објави документи познати како „Пентагон пејперс“ во „Њујорк тајмс“ и во други медиуми, претходно му кажа на судот дека откритијата на „Викиликс“ прикажале оти Американците се доведени во заблуда во врска со американската акција во Ирак и во Авганистан, исто како што неговите објави своевремено открија тајни информации за војната во Виетнам.

Американскиот лингвист, филозоф и еден од најголемите интелектуалци на денешницата Ноам Чомски и авторката и активистка Алис Вокер кои се во тимот што го брани Асанж, го нарекоа обидот за екстрадиција на Асанж „најопасниот напад врз слободата на медиумите, барем во последната генерација“.

– Асанж не е на судење бидејќи возеше скејтборд во амбасадата на Еквадор, за пишувањето на Твитер, за нарекувањето на Хилари Хлинтон „јастреб на војната“ или бидејќи носеше неодржувана брада додека беше одвлечен во притвор од британската полиција. Асанж се соочува со екстрадиција во САД бидејќи објави непобитни докази за воени злосторства во Ирак и во Авганистан, посрамуваќи ја најмоќната нација на планетата. Асанж објави цврсти докази за „начините на кои првиот свет го експлоатира третиот“, според укажувачот Челси Менинг, изворот на доказите. Асанж е на судење поради неговата новинарска работа и неговите принципи, а не поради карактерот – се вели во авторскиот текст на Чомски и Вокер за британски „Индипендент“.

САД го товарат 50-годишниот Асанж за 18 точки од обвиниението, за откривање на 500.000 доверливи документи во 2010 година. Станува збор за доверливи документи кои детално ги опишуваат американските воени операции во Авганистан и Ирак. Ова е првпат во историјата на САД еден новинар да биде обвинет според законот за шпионажа за објавување на точни информации. Ако биде екстрадиран, Асанж ќе оди на судење и би можел да добие до 175 години казна затвор, што е еднакво на доживотна казна.