Фото: Принт-скрин

Илјадници жители на шпанскиот остров Ла Палма денеска добија наредба да останат дома поради „екстремно лошиот“ квалитет на воздухот, што беше предизвикан од речиси тримесечната активност на вулканот Камбре Виеја.

Спектакуларни реки од стопена лава течат по падините на овој вулкан од 19 септември, а ова е најдолгата ерупција на шпанските Канарски Острови од 1500 година, пренесува „Ројтерс“.

Околу 24.500 жители на Лос Ланос де Аридана, Ел Пасо и Тазакорте, вкупно една третина од жителите на Ла Палма, се замолени да останат во затворени простории поради емисиите на сулфур диоксид кои достигнале токсични нивоа, соопштија властите.

Службите за итни случаи ги советуваа жителите на островот да ги затворат прозорците и да ги исклучат клима- уредите за да избегнат вдишување отровни испарувања.

Тие, исто така, препорачале одложување на активностите на отворено и ги советуваа сограѓаните да носат професионални маски доколку мора да ги напуштат своите домови, додека на учениците им беше кажано да останат во училиштата, а родителите да не ги земаат додека не се подобри квалитетот на воздухот.

Лавата оштетила или целосно уништила најмалку 2.910 згради, утврдил системот за сателитско следење на ЕУ Коперник, принудувајќи илјадници луѓе да се евакуираат од своите домови.