Околу 34,5 милиони граѓани со право на глас денеска ќе треба да го изберат шесттиот претседател на Украина. Но, околу 12 проценти од избирачите односно граѓаните на анктираниот Крим од Русија и во Доњецка Област и Луганска Област, што се под контрола на проруските бунтовници, не се во можност или не сакаат да гласаат.

Украинците избираат помеѓу актуелниот шеф на државата Петро Порошенко (53) и комичарот Володимир Зелински (41).

Во првиот круг од претседателските избори, на кој имаше 39 кандидати, за Зеленски се изјаснија над 30 проценти од излезените гласачи, додека за Порошенко гласаа нешто помалку од 16 отсто.

Анкети покажуваат дека Украинците денеска својот глас ќе го дадат за Зеленски. Според резултатите од последното истражување на јавнот мислење за Зеленски би гласале 72,7 отсто, а за Порошенко се изјасниле 27,2 проценити.

Во Украина живеат околу 42 милиони луѓе, но според последната анкета на „Галуп“ само девет отсто од граѓаните изјавиле дека имаат доверба во Владата. Украина е една од најсиромашните земји во Европа.

Зеленски го искористи антивладиното расположение на Украинците, а водејќи необична кампања со комичарски настапи и преку социјалните мрежи, каде има милиони „следачи“, е фаворит на изборите.

Тој на јавноста и стана познат по хумoристичната серија „Слуга на народот“, која почна да се емитува пред 3,5 години. Зеленски игра претседател на Украина, кој се бори против корупцијата. Во серијата Зеленски е професор кој случајно станува претседател на Украина по впечатлив говор за украинската политика на социјалните мрежи.

Порошенко е петтиот претседател на Украина, познат по прекарот Кралот на чоколадите. Тој е сопственик на најголемата фабрика за кондиторски производи во Украина, поседува телевизија и бродоградилиште, а поврзан е и со автомобилската индустрија.

Тој во 2013 – 2014 година активно се вклучи во антивладини протести, кои и финансиски ги поддржуваше. Порошенко на 25 мај 2014 година со 54,7 проценти од гласовите беше избран за претседател на Украина.

За време на претседателскиот мандат на Порошенко, Украинците добија безвизен режим со Европска Унија, а спроведени се и одредени реформи. Тој помогна во воспоставувањето на Украинската православна црква и успешно лобираше на Запад за останување во сила на санкциите за Русија.

Но, неговите критичари не се задоволни со тоа како се одвиваат промените што ги бараа демонстрантите на плоштадот Мајдан, како и дека нема пресуди за виновниците за големиот број на жртви за време на протестите. Критичарите на Порошенко му забележуваат и дека не го исполнил ветувањето за брзо завршување на војната во Источна Украина.