Повеќе лица се убиени во ново пукање во САД, во Охајо, само неколку часа по смртоносниот напад во Тексас, каде беа убиени 20, а ранети 26 лица. Напаѓачот отворил оган во Дејтон, а како што јави локалната ТВ станица „WHIO-TV“ убиени се најмалку 10 лица. Медиумите пренесуваат дека полицијата го убила напаѓачот.

Претставниците на полицијата во Дејтон засега не го наведоа бројот на настрадани или повредени. Според известувањата на социјалните мрежи пукањето се случило пред бар.

– Нашите полицајци се добро тренирани за вакви ситуации. За среќа, имавме распоредени офицери во близина на барот и тие брзо реагираа со цел да се стави крај на ситуацијата – информираат од полициската станица во Дејтон.

Засега не е познат мотивор на напаѓачот, ниту пак дали тој е на некој начин поврзан со пукањето кое се случи пред само неколку часа во трговски центар во градот Ел Пасо. Според неофицијални информации, во близина на барот каде што се случи нападот, имало уште еден напаѓач кој се верува дека успеал да избега. 

Според Архивата за насилство со пукање, масовни престрелки се категоризирани напади во кои настрадуваат над четири луше, не вклучувајќи го напаѓачот. Годинава, според архивата, околу 522 луѓе загинале во вакви напади, а над 2.040 се повредени. 

Неделава беа застрелани две лица во маркетот „Волмарт“ во Мисисипи, додека три лица беа убиени на фестивалот за лук во Гилрој, Калифорнија. 

На почетокот на годинава, работник отвори огин во близина на зградата во која се наоѓаат владините канцеларии на Вирџинија, а во престрелката беа убиени 12 лица и еден полициски службеник.

Според официјалните податоци за пукања во САД, четири од десетте најтрагични напади се имаат случено во Тексас.