Трговската војна во фармацевтската индустрија, во која секоја компанија се бори за местото на пазарот за снабдување со вакцини против ковид-19, придружена со „климата“ на зголемените бројки на инфицирани и починати луѓе од опасниот вирус, создаде состојба во светот во која вртоглаво започнаа да растат цените на средствата за имунизација

Се разгорува трговската војна во фармацевтската индустрија за време на пандемијата

Светот во 2021 година влезе со „тивок“ скок на цените на трошоците за живот. Иако тие, според многумина експерти, не беа загрижувачки за луѓето што најчесто велат дека се научиле да се справуваат со проблемите особено во пандемијата, сепак загрижувачки се информациите што деновиве беа објавени во светските магазини дека водечките производители на вакцини имаат намера да ги зголемат своите цени за „лекот“ против ковид-19. Имено, ваквите вести деновиве прв ги објави бриселскиот магазин „Еурактив“, кој пренесе дека за време на минатонеделната обиколка на градежен објект во Бугарија, бугарскиот премиер Бојко Борисов открил дека цената на вакцината против коронавирусот на „Фајзер-Бионтек“ изминатиов период скокнала од 12 на 19,5 евра.
– Цените на вакцините растат. Трговската војна е факт. Доза на вакцината на „Фајзер“ чинеше 12, а во моментов е 15,50 евра. Европската Унија е во процес на потпишување договор за 900 милиони дози вакцини за 2022-2023, но овој пат цената е 19,50 евра. Тоа ќе чини околу 800 милијарди евра – изјавил бугарскиот премиер Борисов. Овие информации дека водечките производители на вакцини имаат намера да ги зголемат своите цени веднаш го вклучија алармот кај европскиот невладин сектор, кој изминатава недела реагираше и побара владите на државите во ЕУ да заземат заеднички став за новата појава, која може да предизвика трговска војна, но и дополнителни економски потреси на глобално ниво, особено кај земјите во развој.

Повисоки цени до крајот на годинава?

Во меѓувреме магазинот „Блумберг“ на оваа тема пишува дека фармацевтските компании што стојат зад некои од најпознатите вакцини изминатиот период активно преговараа околу плановите за зголемување на цените. Така, „Џонсон-Џонсон“, „Модерна“ и „Фајзер“ на инвеститорите им соопштиле дека во релативно блиска иднина ќе инсистираат на зголемување на цените по доза вакцина. На овој чекор, како што пренесува магазинот, тие ќе се одлучат кога во скоро време ќе се создадат услови и кога пандемијата ќе се претвори во епидемија. Френк Д’Амелио, главен финансиски директор во „Фајзер“, на прес-конференција кажа дека за фармацевтските компании се отвора оваа можност за зголемување на цените кога пандемијата предизвикана од коронавирусот наскоро ќе се претвори во епидемија.
– „Модерна“ и „Џонсон-Џонсон“ веќе кон крајот на оваа година планираат да воведат „покомерцијални“ цени. А „Астра Зенека“ има право да прогласи крај на пандемијата во јули годинава. Во случај да го стори тоа, таа веќе нема да биде обврзана со ветувањето за непрофитност што го имаше договорено со Универзитетот во Оксфорд – наведува „Блумберг“.

Непрофитното производство на тест

Паралелно на ова, британскиот производител на лекови „Астра Зенека“ во јуни минатата година во договор со бразилска компанија што ќе произведува најмалку 100 милиони дози, вети дека нема да заработува на вакцината против ковид-19 „за време на пандемијата“, но компанијата исто така соопшти дека тоа ќе биде во сила до јули 2021 година.
– „Астра Зенека“ во јуни минатата година соопшти дека ќе ја понуди својата вакцина по цена на производството, сѐ додека не заврши пандемијата. Од увидот во договорот меѓу „Астра Зенека“ и бразилската компанија за производство на нејзината вакцина, се дефинира дека „пандемискиот период“ завршува на 1 јули 2021 година. Тоа дава на знаење дека наскоро е можно да се зголеми и цената на вакцината на оваа британска компанија по доза – пишуваат западните медиуми што имале увид на договорот меѓу овие две компании. Во исто време во соопштението на „Астра Зенека“ се наведува дека компанијата го третира развојот на вакцини првенствено како одговор на глобалната пандемија, наместо како можност за заработка. Марко Кригер, потпретседател за производство и иновации во „Фиокруз“, исто така коментираше за запирањето на заложбата за непрофитно производство.
– Договорот гарантира прекин на непрофитното производство за „Астра Зенека“ или за „Фиокруз“ на 1 јули 2021 година – рече Кригер. Според него, договорот набргу ќе истече, а останува на фармацевтската компанија, со оглед на тоа што пандемијата не е завршена сѐ уште, да одлучи дали ќе продолжи со непрофитното производство или ќе ги зголеми цените по доза за вакцината против ковид-19.


Колку чинеа вакцините досега?

Додека повеќе светски медиуми информираат дека се очекува пораст на цените по доза за вакцините против ковид-19 кон крајот на годинава, некои европски медиуми ги објавија сумите на сегашните суми по доза на средствата за имунизација на пазарот.

Ценовник:
„Оксфорд“ / „Астра Зенека“: 1,78 €
„Џонсон и Џонсон“: 8,50 $
„Санофи/ГСК“: 7,56 €
„Фајзер/Бионтек“: 12 €
„Кјур вак“: 10 €
„Модерна“: 18 $