Време е ЕУ да стане глобална воена сила, како и САД да престанат да ги спречуваат европските амбиции за сопствена одбрана. Ова се вели во новиот извештај на Центарот за американски напредок, аналитичкиот центар кој има блиски врски со администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, објавува „Политико“.

Извештајот во кој „Политико“ имал увид пред неговото објавување, го повикува Бајден да ја охрабри ЕУ да ги развие воените капацитети, истовремено барајќи од американскиот претседател да го отфрли децениското противење на САД на одбранбениот суверенитет на ЕУ под оправдување дека би се совпаднал со НАТО, што претставува начин на размислување и на голем дел од американските воени лидери, како и на дел од европските влади.

Извештајот објавен во пресрет на учеството на Бајден на самитите на Г7 и на НАТО го критикува Вашингтон за притисоците кон европските сојузници да трошат повеќе за воените буџети, за да ја достигнат целта на НАТО за вложување на два отсто од БДП во одбраната.

– Европската зависност од САД за нејзината безбедност значи дека Америка де факто поседува вето за правецот на европската одбрана. Уште од 90-те години, САД вообичаено ја користат ефективната моќ за вето за блокирање на европските одбранбени амбиции – се наведува во извештајот.

Заклучоците во извештајот со сигурност ќе наидат на противење од одредени политички и воени лидери кои веруваат дека државите од ЕУ не поседуваат способност да се бранат и дека Брисел, кој има потешкотии да усвои заедничка одбранбена политика, не би можел да дејствува како кохезивна воена сила, смета „Политико“.