Американскиот претседател од другата страна на светот следеше како неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен го нарекува расист и измамник. Овие обвинувања ќе го чекаат Трамп кога ќе се врати во Белата куќа

Мајкл Коен, бившиот адвокат на американскиот претседател, пред Конгресот објави повеќе експлозивни обвинувања против Доналд Трамп, осврнувајќи се на повеќе контроверзии што го следат шефот на Белата куќа од почетокот на мандатот. Коен сугерира дека претседателот однапред знаел за разговорите во јуни 2016 година помеѓу неговиот зет и руски официјални претставници. Покрај тоа, тој тврди дека претседателот лично ги потпишал чековите со кои наводно било платено молчењето на порноѕвездата Сторми Даниелс.

Повеќето од овие обвинувања, според Би-би-си, се засноваат само врз зборот на Коен, човекот што веќе претходно призна дека лажел пред Конгресот, како и пред федералната влада за неговите даноци. Американската јавност сега има шанса да одлучи дали Коен во минатото лажел за да го заштити претседателот или дека лаже сега за да се заштити себеси.

Во најновото сведочење пред Конгресот, тој го обвини бившиот шеф дека е расист и измамник. Коен тврди дека Трамп има добри и лоши атрибути, но оти лошите натежнуваат.

– Од стапувањето на функцијата, Трамп стана најлошата верзија од себеси. Го штитите Трамп цели десет години – порача Коен.