Шпанската полиција уапси еден од најбараните борци на Исламската држава во јужниот град Алмерија, соопшти денеска владата.

Египќанец, кој се борел во Сирија и Ирак, се криел во стан со уште двајца други кои исто така биле уапсени и идентификувани од полицијата, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи кое, сепак, не го открива идентитетот на најбараниот исламистички бегалец.

Споменатиот Египќанец се појавил на бројни грозоморни пропагандни фотографии на кои се прикажани исламистички злосторства.

Уапсениот поминал неколку години во Сирија и Ирак и има карактеристики на личноста, како што е исклучително насилен злосторнички профил, кои го привлекле вниманието на полицијата и разузнавачките служби во Европа, се вели во извештајот на шпанската полиција.

Тројцата осомничени пристигнале преку Северна Африка и биле следени за време на карантинските мерки воведени во Шпанија. Тие го напуштале станот поединечно и носеле заштитни маски, соопшти полицијата.

Полицијата настојува да пресретне што поголем број од повеќето десетици луѓе кои отишле во Сирија и Ирак за да се приклучат во Исламска држава, кои повторно би можеле да извршат напади на шпанско тло, како што направија во Барселона во 2017 година. Во тој инцидент беа убиени 16 лица.