Германски експерти за експлозив денеска деактивираа бомба од Втора светска војна во центарот на Берлин, откако беше евакуиран дел од градот што ја опфаќа и главната железничка станица, една болница и Министерството за економија.

Британската бомба тешка 500 килограми заостаната од Втората светска војна, беше откриена во текот на градежни работи на почетокот на неделава.   

Околу 10.000 лица, меѓу кои и локални жители, пациенти во болницата и службеници, беа евакуирани од 09:00 часот утринава од зградите во радиус од 800 метри од локацијата на која беше пронајдена бомбата. 

Во Германија секоја година се откриваат повеќе од 2.000 тони неактивирани бомби и муниција заостанати од Втората светска војна.