Демонстранти денеска маршираа низ повеќе француски градови, четврти викенд по ред, осудувајќи ги, како што велат, деспотските правила што ги принудуваат да бидат вакцинирани против ковид-19, против нивна волја и да покажат здравствена дозвола за да можат да имаат пристап до секојдневни активности.

Тие се собраа на улиците во Париз, Ница, Монпелје и други градови, носејќи транспаренти на кои пишуваше „Не за диктатурата“ и извикуваа „Макрон, не ги сакаме твоите здравствени дозволи“, објави Ројтерс.

Меѓу демонстрантите има и левичарски анархисти и екстремно десничарски милитанти, остатоци од антивладиното движење Жолти елеци, како и други граѓани кои се против примање на вакцина или сметаат дека здравствената дозвола е дискриминаторска.

Стапките на вакцинација се зголемија откако Макрон го претстави својот план за воведување здравствени дозволи минатиот месец – две третини од Французите примиле една доза од вакцината, а 55 проценти се целосно вакцинирани.

Од понеделник, луѓето ќе мора да покажат здравствена дозвола за да јадат во ресторан, да добијат пристап до третман што не е итен во болница или да патуваат со меѓуградски воз.

Здравствените дозволи веќе се неопходни за посета на базени, музеи и ноќни клубови.

Здравствените работници имаат рок до 15 септември да се вакцинираат или ќе бидат суспендирани.