Над 12 милиони ученици вчера во Франција ја почнаа учебната година без мобилни телефони во училиштата по забраната воведена летоска. Законот усвоен во јули забранува употреба на секакви уреди поврзани со Интернет, како мобилни, таблети или часовници, во училиштата во Франција во кои учат деца на возраст до 14 и 15 години. Забраната се однесува и на училишните одмори, со исклучок на вонредните ситуации и за децата со попреченост.

Учениците мора задолжително да ги исклучат уредите и да ги складираат пред почетокот на часовите. Според законот, наставниците можат да им ги одземат уредите до крајот на училишниот ден ако не ја почитуваат мерката.
Забраната веќе неколку години се применува во повеќе училишта во Франција, но сега директорите и наставниците ќе можат да се потпрат на законот. Средните училишта можат да ја воведат истата мерка иако не се обврзани.

Податоците покажуваат дека дури 86 отсто од децата во Франција на возраст од 12 до 17 години имаат мобилни телефони. Од Министерството за образование велат дека целта на забраната е да им помогне на учениците подобро да се фокусираат на наставата, повеќе да се социјализираат и да се намали користењето на социјалните мрежи. Забраната е намената и за да се намали малтретирањето преку Интернет, како и кражбите и насилствата во училиштата.