Во САД се запленети 114 килограми фентанил во скриен дел од камион на релација Мексико – Аризона, што досега е најголема количина од оваа синтетичка дрога, чија употреба доведува до голем број случаи фатално предозирање, соопшти американската царинска управа.

– Дрогата е најдена под подот на товарен камион со скенер за време на дополнителна инспекција кој покажал дека постојат „некои аномалии“, откако полициска екипа со кучиња трагачи извести за присуство на дрога, рече директорот на царинскиот пункт во Ногалес, Мајкл Хемфрис.

Поголем дел од фентанилот, чија вкупна улична вредност изнесува околу 3,5 милиони долари, бил во облик на бел прав, а околу еден килограм во форма на пилули.

Агентите запленија и околу 179 килограми метамфетамин, со улична вредност од 1,18 милиони долари.

– Само неколку зрна фентанил, опасна опојна дрога, може многу брзо да убие, рече Хемфрис, истакнувајќи дека заплената спречи да им се наштети на голем број семејства.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја поздрави акцијата, заблагодарувајќи им се на агентите на граничната патрола за „најголемата заплена на фентанил во историјата на земјата“, како што напиша на Твитер.

Мексиканските шверцери се повеќе тргуваат со оваа дрога во САД, претежно скриена во патнички автомобили и товарни камиони, обидувајќи се да поминат низ царинските пунктови во Ногалес, Аризона и Сан Диего.

Федералниот центар за контрола и превенција на болести соопшти дека фентанил дрогата најчесто предизвикува предозирање ширум САД.

– Во 2016 година се забележани повеќе од 18.000 смртни случаи поради предозирање со фентанил, што е речиси 29 проценти од вкупниот број случаи на предозирање, се наведува во извештајот.