Рударска компанија платила рекордна казна од две милијарди американски долари поради огромното излевање нафта од кое настанала една од најголемите еколошки катастрофи во Русија, пренесуваат светските медиуми.
„Норилск Никел“, водечкиот светски производител на никел и паладиум, соопшти дека ја платил казната во средата. Компанијата „Норилск Никел“ позната и како „Норникел“ е во сопственост на еден од најбогатите луѓе во Русија, Владимир Потанин.
Минатиот мај 21.000 тони дизел се излеале од еден од резервоарите на компанијата во реки и езера на рускиот северен Арктик. Тоа го поттикнало рускиот претседател Владимир Путин да прогласи вонредна состојба.
– Ве молиме овие пари првенствено да се користат за подобрување на состојбата со животната средина во самиот град Норилск и околината – рекол Путин на владиниот состанок.
Ова е најголема казна изречена за штета на животната средина во Русија. Судот во февруари ја изрекол казната на „Норилск Никел“ а компанијата одлучила да не поднесува жалба.
Нафтата почнала да протекува на 29 мај минатата година. Се верува дека инцидентот потекнува од ‘рѓосан резервоар за складирање во електраната на „Никел Норилск“ во Сибир. Истражителите утврдиле дека резервоарот кај Норилск потонал поради топењето на мразот со што се ослабиле неговите носачите. Неколку недели пред оваа катастрофа времето на Арктикот било невообичаено топло, што се верува дека се должи на глобалното затоплување.
Нафтата ја загадила реката Амбарнаја и околината пред водата да ја однесе на околу 20 километри северно од Норилск. Потоа се загадило езерото Пјасино, кое се влева во Карско Море во Арктичкиот Океан. Вкупно се контаминирала површина од 350 квадратни километри.
Ефектот од оваа еколошка катастрофа врз животната средина може да трае со децении, изјавил тогаш Василиј Јаблоков, рускиот претставник на еколошкото движење „Гринпис“.
Олег Митвол, поранешен заменик на руската организација за заштита на животната средина, изјавил дека „никогаш не се случила таква несреќа на Арктикот“ и дека чистењето може да чини 1,5 милијарди американски долари и да трае од пет до 10 години.