Фото: Игор Бансколиев

Во првите два месеци од 2019 година евидентирани се над 34.000 случаи на зараза од сипаници, поголем дел во Украина, информираше Светската здравствена организација. Од организацијата ги повикуваат здравствените власти да обезбедат вакцини за сите, особено за здравствено најчувствителните групи на деца и возрасни.

Од 34.300 заразени во 42 земји во Европа, како последица на болеста починале 13 лица. Сите смртни случаи се забележани во Украина, каде, како и во Романија и Албанија е прогласена епидемија на сипаници.

СЗО предупредува дека епидемијата може да продолжи да се шири.

– Ако не се реагира правовремено и ако со вакцините не се опфати сѐ, вирусот ќе пронајде начин да стигне до најзагрозените поединци и потенцијално да се прошири на другите држави во регионот и надвор – стои во соопштението на СЗО, во кое се додава дека треба да се искористи секоја пригода за вакцинирање на чувствителните деца, адолесценти и возрасни лица.