Комора за егзекуција во затвор во Алабама. Сојузната држава одобри егзекуција со азот како похуман начин на извршување на смртната казна

Во САД во моментот 2.750 затвореници ја чекаат својата смртна казна. Сѐ посилни се притисоците смртоносната инјекција да биде заменета. Инјектирањето пред 40 години беше претставено како поефикасно и похумано од електричниот стол или гасната комора. За жал, примената на смртоносната инјекција резултира со спектакл што е полош и од гасната комора и од електричниот стол

Соочени со многубројни проблеми во врска со смртоносните инјекции – од пропаднати обиди, тужби, па до проблеми со снабдувањето – американските држави сега бараат алтернативни начини за извршување на смртната казна. Високо на таа листа се наоѓа еден метод што никогаш досега не е испробан – азотот.
Оклахома, Алабама и Мисисипи ја одобрија употребата на азотот во егзекуциите и работат на протоколите за негова примена.
– Ако државите почнат со егзекуции по пат на употреба на азот, тоа ќе биде ист вид на експериментирање како со варијациите на смртоносната инјекција – вели Џен Морено, адвокатка од канцеларија во Беркли, која се занимава со смртната казна.
Во САД, 2.750 затвореници чекаат смртна казна, а сѐ посилни се притисоците смртоносната инјекција, која пред 40 години беше претставена како поефикасна и похумана од електричниот стол или од гасната комора, да биде заменета, бидејќи нејзината примена резултира со спектакл што е полош од оние што таа требаше да ги замени.
Тимовите за егзекуција мора да пронајдат вена во која ќе го инјектираат смртоносниот коктел, а тоа може да биде многу мачно. Во февруари, екипа од Алабама се откажа по двочасовни обиди да пронајде вена кај осуденик со оштетени крвни садови. Неговиот адвокат го обвини тимот егзекутори за отворање на неговата артерија и продупчување на мочниот меур. Подоцна државата објави дека нема да има други обиди за негова егзекуција.

Смртоносната инјекција има и медикаменти што нанесуваат страдање – едниот е парализирачкиот агенс, а другиот ја запира работата на срцето. Дрогата за парализирање се уфрла за целиот процес да дејствува поневознемирувачки. И таа, како и онаа што го запира срцето, би требало да се дава по седативот, кој ќе го зашемети осуденикот. Но ако седативот не ја заврши својата работа, овие дроги предизвикуваат болка.
Барбитуратите првин се користеа за седирање, но производителите почнаа да одбиваат да ги продаваат за егзекуции. Поради тоа државите испробуваа други видови медикаменти. Заради некои од нив осудениците стенкаа во пролонгирана агонија. Небраска и Невада започнаа со употребата на опоидот „фетанил“ како седатив. Адвокатите на одбраната тврдеа дека федералниот закон ја ограничува неговата употреба за спасување животи, па дека затоа е нелегално тој да се користи за погубување.
Она малку што се знае за смртта од вдишување азот е резултат на несреќи и неговата употреба во чинови на самоубиство. Во несреќите, во кои луѓето биле изложени на високо ниво азот во затворен простор, смртта доаѓала брзо. Азотот сам по себе не е отровен, но кога некој ќе го вдише без воздух, брзо ќе се онесвести и ќе умре од недостиг од кислород.
Се верува дека смртта предизвикана од азот е безболна. Би требало да ја спречи состојбата што предизвикува чувство на задушување: собирање јаглероден диоксид што лицето не е во состојба да го издиши. Недостигот од кислород не го поттикнува овој рефлекс. Лицето што вдишува чист азот и понатаму може да издиши јаглероден диоксид и нема да има чувство на задушување. Пред да се онесвести, можно е лицето да биде малку замаено, можеби еуфорично и со замаглен вид.

Азотот не се користи во државите каде што медицински потпомогнатото умирање е легално. Пациентите во тие држави обично испиваат огромни дози барбитурати. Дури ни ветеринарите не препорачуваат азот за еутаназија на цицачи.
Меѓутоа еден анестезиолог, кој бараше да остане анонимен затоа што медицинските здруженија забрануваат учество во егзекуции и давање информации што поддржуваат егзекуција, вели дека вдишувањето азот е помалку сурово од смртоносните инјекции.
– Можни се и напади – вели тој, додавајќи дека ако сѐ оди како што треба, и другите држави може да го усвојат ваквиот начин на егзекуција.
Во мај 2016 година, една компанија од Аризона им испрати писмо на затворските служби во Небраска, во кое ја промовира одајата наречена етипоксија. За неа тврдеа дека предизвикува „чувство на седирана смиреност, проследено со опиеност и еуфорија“, дека за неа не е потребна медицинска експертиза, како и дека „гарантира престанок на живот за секој цицач во рок од четири минути“.
Во другите држави што применуваат смртна казна, таа се спроведува по пат на бесење, отсекување на главата или со стрелање, методи за кои повеќето од Американците сметаат дека се одвратни.
Роберт Данам, извршен директор на Центарот за информации за смртни казни, вели дека таквата реакција претставува пример за судир на двете контрадикторни црти на националниот идентитет.
– Едната е традицијата на нежност, која ги чува нашата човечка гордост и пристојноста, другата е културата на насилство. А кога се грижите за човековите права и гордост, тоа значи дека не ви се допаѓаат одвратните државни егзекуции. Сепак, смртната казна е насилна – посочува тој.