Властите на Нов Зеланд денеска ги повикаа жителите на северниот брег да се повлечат кон внатрешноста поради опасност од цунами, а Австралија исто така прогласи тревога по земјотресот со јачина од 7,7 степени што потресе области во јужниот дел на Тихиот Океан.

– Очекуваме крајбрежјето на Нов Зеланд да биде изложено на невообичаено силни струи и непредвидлив раст на нивото на морето – соопшти агенцијата за итни случаи.

– Секој што е на отворено море или на крајбрежјето треба да се повлече кон копното и да се оддалечи од плажите, крајбрежните области и пристаништата – додава агенцијата.

Австралиската агенција за метеорологија објави дека цунами им се заканува на островите и областите по должината на крајбрежјето.

Силен земјотрес со јачина од 7,7 степени денеска ги погоди островите Лојауте и Нова Каледонија во Тихиот Океан, објави Американскиот геофизички институт (УСГС).

Епицентарот на земјотресот бил на околу 400 километри југоисточно од островите Лојауте и околу 430 километри од Вануату, соопшти УСГС.

Нова Каледонија се наоѓа во југозападниот дел на Тихиот Океан, околу 1.500 км источно од Австралија.

Областа околу Нова Каледонија и соседната Вануату е дел од Пацифичкиот огнен прстен, една од сеизмички најактивните зони на планетата.