Жителите на неколку боливиски градови пријавиле дека имаат недостиг од храна и бензин заради протестите на приврзаниците на соборениот претседател Ево Моралес.

Привремената Влада на Боливија соопшти дека нејзините напори за снабдување на Ла Паз се соочени со предизвици, бидејќи тврдат дека приврзаниците на Моралес прекинаа некои транспортни рути, пренесе „АП“.

Блокадата околу градот Санта Круз, исто така, ја наруши трговијата.

Производителите велат дека овошјето и зеленчукот скапуваат во камионите што не успеале да дојдат до пазарите.

Најмалку 23 лица погинаа во уличното насилство што изби веднаш по спорните претседателски избори, оддржани на 20 октомври.

Моралес прогласи победа уште по првиот круг од гласањето, но неговите противници соопштија дека имало изборни нерегуларности, и почнаа масовни протести. Откако беше заклучено дека сепак, имало изборни нерегуларности, Моралес на 10 ноември поднесе оставка и замина за Мексико, каде доби азил.