Претпазливоста и здравиот разум го предупредуваат Вашингтон да ги намали трошоците за дефицитот, да го отплаќа долгот и барем малку да го контролира апетитот на Американците за добивање државна помош. Наскоро ќе пристигнат повисоките каматни стапки, Америка би требало сега да се подготви за тој ден. Не постои земја што може бесконечно да одржува дефицит, без притоа да трпи последици

Анализа на Брус Јандл од „Нешнал интерест“ за долгот на САД

Додека Америка се подготвува за дополнителна федерална помош во висина од 1,9 трилион долари во справувањето со коронавирусот, полека се приближува денот кога креаторите на политиките и даночните обврзници ќе мора да седнат на финансиската маса за да ги разгледаат документите. Да, ковид-19 е сè уште многу присутен, има голем број луѓе што страдаат, а потребите на Американците се многубројни.

Трите обемни категории на федералниот буџет

Поранешниот извршен директор на Федералната трговска комисија на САД, Брус Јандл, пишува за „Нешнал интерест“ дека Американците немаат друг избор освен да се фатат во костец со федералните трошоци и растечкиот долг. Тој издвојува дека, сепак, САД имаат доволно време да го сторат тоа. Во спротивно, перспективата неизбежно ќе донесе сериозни удари во однос на федералните трошоци! Треба да се има предвид фактот дека федералниот буџет содржи три обемни категории: дискрециски, недискрециски и нето-каматни исплати. Во 2020 година, во првата категорија имаше 713 милијарди долари за одбрана и 724 милијарди долари за трошоци што не се поврзани со одбрана, т.е. за остатокот од Владата. Во втората категорија имаше 2,97 трилиони долари за социјално осигурување, здравствено осигурување и медицинска помош.
На крајот, за третата категорија беа обезбедени 376 милијарди долари за исплата на нето-камати. Бројките се изразени во нето, зашто федералната влада заработува, но и ја исплаќа каматата. Во 2020 година, трошоците за каматната стапка на долгот изнесуваа 522,7 милијарди долари. Се разбира, каматната стапка на долгот се одредува според вкупната сума на заостанатиот државен долг и просечната каматна стапка исплатена на тоа салдо.
Тековната клима со ниски каматни стапки прави огромна разлика. На 31 јануари годинава, вкупниот заостанат долг изнесуваше приближно 27,7 трилиони долари. На истиот датум минатата година, тој изнесуваше 23,3 трилиони долари, а само како споредба, во 2015 година сумата беше 18 трилиони долари. Во текот на изминативе шест години, федералниот долг се зголеми за речиси 10 трилиони долари, односно за 56 отсто.
Просечната каматна стапка на федералниот долг исплатена на 31 јануари изнесуваше 1,687 отсто. Претходната година таа изнесуваше 2,418 отсто. На 31 јануари 2015 година, просечната каматна стапка беше во висина од 2,384 отсто. Значи, додека заостанатиот федерален долг вртоглаво расте, просечната каматна стапка опадна за 29 отсто. Оттука, логично се наметнува прашањето дали овој тренд на ниски каматни стапки ќе продолжи.

Каде води трендот на ниски каматни стапки

Сумата на заостанатиот долг во 2015 година – кога долгот беше многу помал, но просечната каматна стапка беше повисока – изнесуваше 402,4 милијарди долари, или околу 120 милијарди долари помалку од оној во 2020 година. Меѓутоа, што ако во следниве неколку години каматните стапки пораснат, а заостанатиот федерален долг остане на моменталните 27,7 трилиони долари? Да претпоставиме дека стапките би пораснале за 40 основни поени – нивото што го предвиде Конгресната агенција за буџет – или пак за 80 основни поени, нивото на пораст предвидено од страна на мултинационалната финансиска компанија „Велс Фарго“. Доколку се оствари „попријатната“ прогноза на Конгресната агенција за буџет, каматната стапка за долгот би се зголемила за 24 отсто и долгот би пораснал за 647 милијарди долари. Доколку излезе дека поточна била прогнозата на „Велс Фарго“, каматната стапка би се зголемила за 48 отсто, долгот би скокнал за 772 милијарди долари. Во вториот случај, каматата на долгот би почнала да се приближува кон висината на буџетот наменет за одбрана. (Тука не треба да заборавиме дека постојат каматни приходи што се акумулираат во резервите на федералната влада, што само донекаде би го ублажило ударот.) Досега се изразуваше загриженост во однос на бројките, буџетите, долгот и каматните стапки. Но вистинските прашања што се кријат зад овие бројки се следниве: Што посакуваат луѓето да се случи со нивните даночни плаќања? Дали повеќе би сакале да плаќаат камата на американските даноци или би избрале подобрена инфраструктура? Или, пак, би посакале посолвентна агенција за заштита на животната средина? Би поддржале ли повеќе федерални грантови за студенти со низок стандард? Кога ќе пристигнат повисоките трошоци за камати – а тој ден сигурно ќе дојде – политичарите ќе мора да направат рестрикција во одбранбениот буџет и преостанатите владини трошоци. Социјалното и здравственото осигурување, исто како и медицинската помош, најверојатно нема да се чепкаат сè додека е можно тоа. Сиве овие нешта го прават пронаоѓањето дополнителни 125 или 250 милијарди долари еднакво на можноста „врбата да роди грозје“.

Како Американците и креаторите на политиките се подготвуваат за „дождливиот ден“?

Само како пример, буџетот на Американската агенција за заштита на животната средина (ЕПА) изнесуваше 6,6 милијарди долари. Буџетот на Министерството за транспорт изнесуваше 89 милијарди долари. Министерството за образование издвои од својот буџет 22,5 милијарди долари за студентските грантови (Пел). Само за овие три ставки се потребни вкупно 118 милијарди долари, а никој не сака да прави рестрикција во буџетите на овие програми.
Тогаш, како Американците и креаторите на политиките се подготвуваат за „дождливиот ден“, кој повеќе ќе личи на потоп? Дали САД ќе го чекаат финансискиот удар или, пак, ќе најдат подобар курс на движење? Претпазливоста и здравиот разум го предупредуваат Вашингтон да ги намали трошоците за дефицитот, да го отплаќа долгот и барем малку да го контролира апетитот на Американците за добивање државна помош. Наскоро ќе пристигнат повисоките каматни стапки, Америка би требало сега да се подготви за тој ден.