Рекордно високи температури беа регистрирани во делови од Калифорнија во неделата кога топлотен бран ја погоди земјата, а властите сè уште се борат со пожарите.

Националната метеоролошка служба забележа рекордни 49,4 степени во Вудленд Хилс, официјално највисока температура досега забележана во округот Лос Анџелес.

Претходниот рекорд беше 48,3 степени во јули 2006 година.

Во Пасо Роблес, град познат по своите винарии во областа Сан Луис Обиспо, беа измерени 47,2 степени, надминувајќи го рекордот од 46,7 степени од 2017 година.

Во градот Бурбенк, предградие на Лос Анџелес, температурата е 45,5 степени Целзиусови, соопшти Националната метеоролошка служба.

Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, веќе прогласи вонредна состојба низ целата земја во август, поради борбата со пожарите и опасните временски услови.

Во пожарите изгореа десетици илјади хектари, уништени се домови, а илјадници жители мораа да бидат евакуирани.

Двесте лица кои беа оставени опкружени со пожар во Националната шума Сиера беа спасени со хеликоптер во саботата вечерта.

Најмалку 10 лица биле повредени, но никој не загинал, соопшти канцеларијата на локалниот шериф.

Властите издадоа наредба за евакуација откако пожарот во Националната шума Сиера им се закани на локалните заедници.

Калифорниската национална гарда исто така предупреди дека за време на викендот поради високите температури, жителите може да останат без електрична енергија.

Сателитските снимки покажуваат енормно големи количини чад над западната американска држава.