Потпретседателите на италијанската Влада, Луиџи ди Мајо и Матео Салвини излегоа со спротивставени ставови во врска со судбината на мигрантите, кои се „заглавени“ на море во приватни спасувачки бродови.

Лидерот на италијанското движење Пет ѕвезди, Ди Мајо инсистира Малта да им дозволи на мигрантите да пристигнат до нејзиниот брег, а Италија да прими десет жени и нивните деца, додека неговиот коалициски партнер и лидер на Северна лига, Матео Салвини порача дека Италија нема да прифати ниту еден мигрант.

На бродот „Си-воч 3“ (Sea-Watch 3) се наоѓаат 32 мигранти, кои на 22 декември беа спасени во близина на либиското крајбрежје, а неколку дена подоцна приватен брод спаси уште 17 мигранти на југ од Средоземно море.

Малта не дозволува мигрантите да пристигнат на нејзиниот брег и тврди дека тие се спасени надвор од областа за спасување, која не е под нејзина надлежност.