Пентагон го ревидира на 50, бројот на американските војници кај кои се дијагностицирани трауматични повреди на мозокот (ТБИ), по нападот од Иран на 7 јануари врз американските бази во Ирак. Ова е третпат Пентагон да ги ажурира цифрите за повредените во нападот. Според Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), тие трауми не се откриваат секогаш веднаш откако ќе бидат претрпени.

– Бројките може да се променат. Притоа, 31 од 50-те повредени војници беа лекувани во Ирак и се вратени на должност, вклучувајќи и 15 од дополнителните војници на кои им е дијагностицирано тоа уште од претходниот извештај – изјави Томас Кемпбел, портпаролот на Пентагон.

На 17 јануари американското министерство за одбрана соопшти дека 11 војници биле „евакуирани од Ирак со симптоми слични на потрес на мозокот“. Министерството минатиот петок соопшти дека 34 војници претрпеле трауматични повреди на мозокот.
Ноќта на 8 јануари, Иран изведе напад врз ирачките бази во кои се сместени американски војници, во Аин ал Асад и во Ербил, врз кои беа истрелани 22 балистички ракети. Иранските и ирачките медиуми тврдат дека во одмаздничките напади биле убиени 80 лица, додека САД ги негираа овие тврдења, а претседателот Доналд Трамп изјави дека „сѐ е во ред“ по ракетирањата.