Поморската коалиција предводена од САД денеска и официјално во Бахреин почна со дејствување со цел заштита на поморскиот сообраќај во водите на Заливот, каде што во последните месеци се случија напади врз танкери.

По серијата напади во Заливот, официјален Вашингтон побара формирање меѓународна поморска коалиција со своите регионални партнери, меѓу кои и Саудиска Арабија. САД го обвинува Иран за нападите врз танкерите, а Техеран негира.

– Операцијата ‘Сентинел’, која има цел заштита на Заливот и Оманското Море, претставува одбранбена мерка што не загрозува никого – изјави вицеадмиралот Џим Малоу, командат на американските поморски сили на Блискиот Исток. Тој потенцира дека операцијата нема офанзивен карактер, освен обврска за заемна одбрана во случај на напад.

Бахреин, седиште на американската Петта флота задолжена за Блискиот Исток, беше првата земја што во август се приклучи кон меѓународната коалиција, а во септември се приклучија и Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Велика Британија и Австралија се главните западни земји што се согласија да испратат свои воени бродови да ги придружуваат трговските бродови во Заливот, а на 1 ноември се приклучи и Албанија.

Повеќето европски земји одбија да учествуваат затоа што не сакаат да го поткопаат меѓународниот нуклеарен договор со Иран склучен во 2015 година од кој САД се повлекоа лани. Иран во последните месеци заплени повеќе странски бродови.