Во сојузната покраина Хесен денеска беше извршен претрес во становите на полицајци, вклучително и припадници на специјалните сили, кои се осомничени за ширење и промоција на екстремно десничарска содржина преку Интернет.

– Покрената е истрага против 20 полицајци, а извршени се претреси во шест станови и на работните места на полицајците во Франкфурт на Мајна – изјавија во покраинската канцеларија за борба против криминалот и канцеларијата на државниот обвинител во Франкфурт.

Станува збор за 19 активни полицајци и еден кој повеќе не е во служба, а се обвинуваат за ширење омраза кон странци и дека ги користеле симболите на забранети политички организации од периодот на националсоцијализмот, пишуваат германските медиуми.

Истрагата е покрената откако на паментиот телефон на еден припадник на специјалните сили за кого претходно се водело истрага за поседување детска порнографија, била пронајдена содржината на групата за разговор со екстремно десничарска содржина.

Пред две години избувна скандал поради откривање на радикално десничарска содржина во комуникациските групи што ги користеа полицајците во Хесен. Властите не разјаснија дали постои поврзаност помеѓу случаите од тоа време и денешните претреси.