Додека американскиот и севернокорејскиот лидер Доналд Трамп и Ким Јонг-ун на самит во Виетнам вторпат се обидуваат да го денуклеаризираат Корејскиот Полуостров, две други нуклеарни сили, Индија и Пакистан, ѕвечкаат со оружјето и одново го доведуваат светот на чекор поблиску до тотално уништување

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун вчера го почнаа дводневниот самит во Ханој, кој е втора нивна средба по ланските разговори во Сингапур. Очекувањата наспроти самитот беа големи – од олеснување на санкциите за Пјонгјанг до денуклеаризација и ставање официјален крај на Корејската војна. Неизвесно е докрај дали разговорите ќе резултираат со договор, но и двајцата лидери досега покажаа дека знаат да ја изненадат меѓународната заедница, пренесува „Гардијан“.

Трамп и Ким вчера имаа кратка, 20-минутна средба, пред главните разговори, кои денеска ќе се одржат во Ханој. На почетокот на средбата, американскиот лидер упати пофалби на сметка на севернокорејскиот колега, опишувајќи го како голем лидер.

– Чест е да се биде со лидерот Ким. Навистина е добро да се биде со вас. Имавме многу добар прв самит. Некои луѓе би сакале работите да се одвиваат побргу, но јас сум задоволен. Вие сте задоволен. Сакаме да бидеме среќни со тоа што го правиме – порача Трамп по ракувањето со Ким Јонг-ун.

Карактерот на Трамп, неговата претходна подготвеност да им угодува на деспоти и политичките проблеми дома, според британскиот весник, го вклучија алармот дека американскиот претседател во Виетнам ќе се согласи на значајни отстапки, намалувајќи ја предноста на САД во однос на Северна Кореја. Драфт-верзијата на евентуалниот договор што го објави Вокс дополнително ги зголеми таквите стравувања. Документот сугерира дека САД ќе ги олеснат санкциите во замена за нејасни ветувања за затворање на главниот севернокорејски реактор за производство на плутониум во нуклеарниот комплекс Јонгбјон. Сторијата на Вокс не беше потврдена ниту од Трамп ниту од Ким.

Резултатот ќе се цени по тоа дали средбата во Ханој ќе успее да додаде суштина на, во најголем дел, реторичкиот исход од првиот самит во Сингапур. Двајцата лидери лани се договорија за „денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, но различно ја интерпретираа фразата. Сепак, севернокорејскиот мораториум за нуклеарни и ракетни тестирања и натаму е во сила, напуштен е полигонот за тестирање ракетни мотори, а уништена е и една локација за нуклеарни проби.

Но предизвикот во Ханој е многу поголем – не само да се подобри атмосферата туку и да се стави крај на ескалацијата и нуклеарното вооружување од изминатите неколку децении. Тоа би вклучувало ограничување и почеток на уништување на арсеналот на Северна Кореја, наоѓање начин за верификација на разоружување, како и почеток на укинувањето на санкциите.

Според „Гардијан“, постојат елементи што најверојатно ќе фигурираат во евентуалниот договор помеѓу Трамп и Ким во Ханој. Во однос на програмата на оружје, досегашната пауза во нуклеарни и ракетни тестирања е доброволна и неформална. САД ќе бараат ветувањето за запирање на тестовите да биде дел од договорот. Ким претходно им порача на Јужнокорејците дека е подготвен за затворање на тамошниот реактор, кој е извор за плутониум за Северна Кореја. Реакторот е во употреба повеќе од 30 години, но Пјонгјанг и натаму може да произведува нуклеарни боеви глави со збогатен ураниум, а можно е да има и тајни реактори на други локации. Затоа, вистинско и потврдено размонтирање и исклучување на реакторот ќе биде многу конкретен чекор во насока на разоружување. Покрај тоа, секој договор за контрола на вооружувањето не значи многу ако не постои начин да се покаже дека разоружувањето навистина се случило. Од Северна Кореја се очекува да дозволи надворешни инспекции на локациите за ракетни и нуклеарни проби, кои веќе почна да ги демонтира. Многу поголем чекор ќе биде да им дозволи на меѓународните инспектори, особено на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), да се вратат во Јонгбјон.

Од друга страна, САД веќе сигнализираа дека се подготвени да престанат со инсистирањето дека санкциите нема да бидат укинати сѐ додека Северна Кореја не се разоружи. Наместо тоа, Вашингтон сигнализира на пристап во фази, според кој, дел санкции ќе бидат укинати заедно со чекорите преземени од Пјонгјанг. Многу поголем чекор ќе биде ако Трамп во Ханој најави дека ќе го намали американското воено присуство во Јужна Кореја. Но тоа може да го вклучи алармот во американскиот Конгрес и во Сеул, особено ако го стори без консултации со сојузниците.
Исто така, се очекува дека САД и Северна Кореја ќе преземат чекори кон повторно воспоставување на дипломатските односи, отворајќи канцеларии за врски во Вашингтон и Пјонгјанг. Многу поголем чекор ќе биде усвојување декларација со која се повикува на запирање на насилствата, кои датираат уште од 1950 година и почетокот на Корејската војна. Корејската војна запре со примирје, но не беше потпишан мировен договор. Декларацијата дека војната конечно е завршена би имала огромно симболично значење и за двете Кореи.

Индија и Пакистан се на чекор до отворена војна, по серијата инциденти во кои беа соборени неколку воени авиони на двете страни. И додека двете азиски нуклеарни сили меѓусебно се обвинуваат, од теренот пристигнуваат спротивставени информации.

Пакистан тврди дека соборил два индиски воени авиони, кои наводно навлегле во пакистанскиот дел на спорната област Кашмир, додека, пак, Индија потврди дека загубила еден авион, но и дека индиската авијација соборила еден непријателски авион. Пакистанскиот премиер Имран Кан порача дека двете земји не може да си дозволат грешки со оглед на оружјето што го поседуваат. Двете нуклеарни сили тврдат дека полагаат право на целата територија на Кашмир, иако контролираат само делови од областа. Индија и Пакистан досега водеа три војни по добивањето на независноста од Британија и поделбата во 1947 година. Два од трите воени конфликта беа токму поради Кашмир, пренесува Би-би-си.

Пакистанското министерство за информации ја објави, па подоцна ја избриша видеоснимката на која може да се види еден од индиските пилоти, кој пакистанската војска го заробила. Министерството објави и фотографии од индискиот соборен авион. Од друга страна, индиското МНР ја потврди загубата на воениот авион и пилотот. Портпаролот на индиското МНР Равеш Камур исто така изјави дека индиски воен авион соборил пакистански ловец, кој се урнал на пакистанската страна од т.н. контролна линија во спорниот Кашмир.

Набргу по првите информации за инцидентите, се огласи и пакистанскиот премиер Кан, кој ја повика Индија на разговори за тероризмот и предупреди на опасноста од дополнителна ескалација на ситуацијата.

– Ако дозволиме тоа да се случи, тоа ќе биде надвор од моја контрола, и контрола на Наренда Моди. Нашите постапки имаат цел да им ставиме до знаење дека исто како што тие навлегоа на наша територија, и ние имаме капацитет да навлеземе на нивна територија – порача Кан.
Од друга страна, шефицата на индиската дипломатија Сушма Сварај истакна дека нејзината земја ќе дејствува одговорно и воздржано.

– Индија не сака да види понатамошна ескалација на ситуацијата – порача Сварај по средбата со рускиот и со кинески колега во Кина.
Соопштението на Пакистан дека соборил два индиски авиона следуваше кратко откако Исламабад потврди дека пакистански воени авиони погодиле цели на индиска територија. Според пакистанската армија, цел на нападите биле шест цели на индиска територија. Од друга страна, пак, индиските власти тврдат дека пакистанските авиони биле принудени на повлекување.

Поради ескалацијата на тензиите, Пакистан го затвори целиот свој воздушен простор. Девет аеродроми во северна Индија исто така беа привремено затворени. Покрај тоа, авионите на меѓународни летови ја избегнуваат областа.

Тензиите ескалираа по индиските воздушни напади преку контролната линија, први такви напади по војната во 1971 година. Цел на нападите, според индиските власти, биле терористички кампови на пакистанска територија. Воздушните напади следуваат откако на 14 февруари во самоубиствен бомбашки напад беа убиени најмалку 40 војници. Станува збор за најсмртоносен напад на исламистичките терористи во тридеценискиот бунт против индиската власт во Кашмир.

Познавачите на состојбите предупредуваат дека Индија и Пакистан се наоѓаат пред голем предизвик да ја смират ескалацијата, пред работите да излезат надвор од контрола. Речиси е преседан две нуклеарни сили да извршуваат меѓусебни воздушни напади Даниел Марки, од универзитетот „Џон Хопкинс“, смета дека двете страни се наоѓаат само на неколку чекори до нуклеарна ескалација.

– Понатамошна ескалација ќе се случи ако следниот чекор на Пакистан е кревање на влоговите, напаѓајќи индиски цивилни цели. Но тоа е малку веројатно – заклучува Марки.