Вашингтон денеска е во состојба на готовност, пред собирот на поддржувачите на поранешниот претседател, Доналд Трамп, кој ќе излезат на улица за да ги поддржат демонстрантите кои упаднаа во Капитол на 6 јануари.

Црната ограда, која беше поставена околу комплексот шест месеци по смртоносните настани во срцето на aмериканската демократија, беше вратена на тоа место, заедно со надзорни камери, непосредно пред собирот „Правда за Ј6“ (6 јануари) што ќе се одржи во петок во 18 часот по локално време.

Службеници од агенциите за внатрешна безбедност предупредија на можно насилство, се вели во разузнавачкиот извештај објавен од американските медиуми.

Во близина на протестот за поддршка на Трамп ќе се одржи контра-собир, пренесува „Франс прес“.

– Свесни сме за малиот број неодамнешни закани преку интернет за можно насилство, а поврзани со планираниот собир, вклучително и за дискусии ден пред протестите кои поттикнуваат насилството – се наведува во документот на Министерството за внатрешна безбедност, кој го пренесе Си -ен -ен.

Американските власти очекуваат околу 700 демонстранти. Во времето на собирот, нема да има членови на таа институција во Конгресот, кои главно уште се на летни одмори и нема да се вратат до следната недела.

Организаторот Look Ahead America (Гледај напред, Америко) планира слични настани низ САД во наредните недели, а организацијата вели дека нејзината цел е да ги поддржи луѓето на кои им се суди за ненасилни прекршоци.

Демонстрантите се повикуваат да ги почитуваат безбедносните сили и да се воздржат од носење обележја поврзани со Трамп.

Илјадници поддржувачи на поранешниот претседател од Републиканската партија, многумина од нив поврзани со екстремната десница и расистички групи, упаднаа во Конгресот пред осум месеци, бидејќи институцијата ја потврди победата на Џо Бајден на претседателските избори, кои Трамп ги оспори.

– Нашите срца и умови се со оние што се неправедно гонети за протестите на 6 јануари, поврзани со наместените претседателски избори – рече Трамп во четвртокот.

За настаните беше покренато обвинение против 600 лица, а десетици се изјаснија за виновни.

Повеќето од нив се соочуваат со помали, прекршочни казни, но на некои им се закануваат и подолги затворски казни, пишува „Франс прес“.