Роберт Менасе, австриски романописец и есеист, кој се пресели во Брисел во 2010 година, во обид да им се пикне под кожа на бирократите, го објави првиот роман за главниот град на ЕУ, наречен „Престолнината“. На негово големо изненадување, за романот за бриселските интриги, Менасе ја доби германската книжевна награда за 2017 година, најважното книжевно признание во земјата

Колку и да се обидуваат евробирократите да ја разубават сликата за обединета Европа со Брисел како главен град, од повеќе држави доаѓаат првите знаци на разногласие, кои всушност и прават своевиден фотошоп на таквата слика. И како да не беше доволен силниот глас на Британците со нивниот брегзит, од разни страни на Европа доаѓаат бележити културни творби, кои го прикажуваат вистинското расположение на обичниот човек.

Така, во циничната реплика на данската политичка ТВ-драма „Премиерка“ (Borgen), помошникот на премиерката го разгледува праќањето на ривалот во егзил на местото на европски комесар со коментарот: „Во Брисел никој не го слуша вашето врескање.“

Но ако Европската Унија има некое значење, тогаш Брисел мора да слуша. Таква е барем хипотезата на Роберт Менасе, австриски романописец и есеист, кој се пресели во Брисел во 2010 година, во обид да им се пикне под кожа на бирократите. Резултат на тоа е, како што се верува, првиот роман за Брисел како главен град на ЕУ, наречен „Престолнината“ („Die Hauptstadt“). На големо изненадување на Менасе, тој ја доби германската книжевна награда за 2017 година, најважното книжевно признание во земјата. Англискиот превод на романот се очекува во почетокот на 2019 година.

За Менасе (63), ЕУ останува извонреден одговор на ужасите од двете светски војни. Според неговото мислење, оваа заедница е најдобар одговор на предизвиците на глобализацијата. Во овој период на популизам и национализам „звучи налудничаво да се создава нова преодна европска демократија“, рече тој. „Но, големите предизвици со кои се соочуваме денес навистина се преодни“, вели, наведувајќи ги за пример финансиската криза, миграциите, климатските промени, тероризмот и трговијата. „Во тој контекст, ЕУ е светска авангарда, иднината на светот“, додека САД, особено со претседателот Доналд Трамп, „се ретро, дури и ако не го знаат тоа“, наведува тој.
Брисел е административен, политички центар на лобирањето, одбран само затоа што Белгија е прва по азбучен ред од шесте земји-основоположници на Унијата и прва што ги нагости новите институции.

Освен Собранието, ротирањето на сите други беше премногу комплицирано. Менасе изнајми стан во центарот на градот и почна да се среќава со разни претставници, но и да ги проучува историјата и архивите. „Европската Унија е човечка творба и сѐ што човекот создал има некаква приказна“, вели тој.

Резултатот на тоа е роман во стилот на Балзак, со сатиричен заплет, центриран околу несреќниот грчко-кипарски еврократ Фени Ксенопопуло, кој е задолжен да го смени лошиот имиџ на Европската комисија. Романот се завршува злокобно со терористички бомбашки напад на станицата за метро „Малбек“, во европскиот кварт.
„Кога го планирав романот, знаев дека ќе се заврши со напад на станицата ’Мелбек’, а потоа тоа навистина се случи“, вели Менасе. „Тогаш бев во Брисел и во почетокот не можев да поверувам во тоа“.

Во вистински напад на станицата и аеродромот во март 2016 година загинаа 32 лица.
Вели дека е целосно изненаден од успехот на романот. Потроши неколку напорни години работејќи на вториот роман, кој помина лошо.
Кога беше номиниран за германската книжевна награда на годината, рече дека не му е важно, „отидов таму со тој став и одненадеж ја освоив“.